Добро Поле Мариово – Местото каде е пробиен Македонскиот фронт

Сместено на планината Ниџе, во јужниот дел на Мариово, Добро Поле е едно од најзначајните историски места на Балканот, поврзано со првата светска војна. Оваа планинска месност, која денес се наоѓа на граничниот простор меѓу Македонија и Грција, засекогаш останала запаметена како местото каде што на 15 септември 1918 година бил извршен пробојот на Македонскиот фронт.
По Балканските војни, регионот повторно станал сцена на големи воени судири, а населението било изложено на глад, болести, присилни мобилизации и масовни разурнувања. Особено тешко бил погоден мариовскиот крај, каде што воените дејствија оставиле длабоки последици врз населението и врз секојдневниот живот.
Во летото 1918 година, сојузничките сили под команда на францускиот генерал Франше д’Еспере започнале подготовка за голема офанзива на Македонскиот фронт. Добро Поле било избрано како главна точка на нападот поради неговата стратешка положба и можноста за пробивање на одбранбените линии и навлегување кон долината на Вардар.
Наутро, на 15 септември 1918 година, по силен артилериски напад, српските, француските и грчките единици започнале офанзива против бугарските позиции. По неколкудневни жестоки борби, одбранбената линија била пробиена, а сојузничките сили продолжиле со брзо напредување кон север. Пробојот на Добро Поле довел до распад на Македонскиот фронт и до повлекување на бугарските сили.
Само две недели по битката, на 29 септември 1918 година, Бугарија потпишала примирје во Солун. Наскоро следувале капитулацијата на Австро-Унгарија и примирјето со Германија, поради што многу историчари го сметаат пробојот на Добро Поле за почеток на крајот на Првата светска војна.
Денес, Добро Поле претставува значајно историско и меморијално место што сведочи за една од најважните пресвртници во европската историја. Иако планинските врвови повторно се тивки, спомените за настаните од септември 1918 година и понатаму живеат во колективната меморија на Мариово и на целиот Балкан.

ww1-breaktrough-macedonian-front

ww1-macedonian-salonika-thessaloniki-fronT02-01 1

ww1-macedonian-salonika-thessaloniki-fronT02-01 3

ww1-macedonian-salonika-thessaloniki-fronT02-01 4

ww1-macedonian-front-serbian-army01 2

ww1-macedonian-front-serbian-army01 3

ww1-macedonian-front-serbian-army01 5

ww1-macedonian-front- victims01 2

ww1-macedonian-front- victims01 3

За Битката на Добро Поле

Последиците од Македонскиот фронт биле исклучително погубни за локалното население во Мариово и навистина поразителен е фактот дека до ден денес не се знае точната бројка на загинати на директен или пак индиректен начин од воените дејствија во овој крај.
Познат е фактот дека со самото поставување на фронтот, населението било избркано од своите домови, а притоа не смеело да носи товар со себе, оставајќи ги полните амбари на Бугарската војска. Потоа, амабарите биле празнети, а граѓата од куќите била употребена за рововите и биле уништени цели села како Градешница, Старавина, Будимирци, Зовиќ итн. Притоа не биле поштедени нити црквите и манастирите кои исто така биле оголени и ограбени.
Дел од населението немало каде да оди и се вратило во своите домови, па така и ден денес во Мариово се разкажуваат приказни од Фронтот.
Во село Градешница добро е позната приказната за споменикот „Бронзена Рака“ кој во 1938 година бил поставен на Добро Поле.
Имено во 1938 година делегација предводена од Louis Cordier го ангажира скулпторот Marcel Ganguilhem – војник кој ја изгубил својата рака при пробојот на Добро Поле, да изработи бронзен споменик кој заедно со Српските власти на 19. Септември 1938 бил поставен на Добро Поле.
Притоа имало и голем број на други церемонијални активности, кои според кажувањата на локалното население биле прекинати од телеграмата која ја добил Louis Cordier, а која известувала за одредена непријателска активност на Германија пред почетокот на Втората Светска Војна.

dobro pole 01

dobro pole 02

dobro pole 03

dobro pole 04

dobro pole 05
Со текот на времето споменикот се изгубил па така денес не постои никаков знак на ова место, кој  би ја обележал неговата историска вредност.
Интересен податок кој говори за важноста на битката на Добро Поле е фактот дека во центарот на Париз, денес постои улица која го носи името на оваа локација од Мариово.