Селските и манастирските слави, биле и сеуште се одличен начин за собирање на луѓето и враќање во нивните родни краишта.
Во минатото тоа бил одличен начин за комуникација помеѓу луѓето од различните села. Скоро во секое село се имало по некој побратим, кој морало да се посети на неговата селска слава и нормално братски да се пречека на својата.
И денес доколку не беа селските слави, многу деца немаше да знаат од каде потекнуваат и немаше да ги познаваат многу свои роднини.
Во овие денови живнуваат селата во Мариово и барем за кратко се враќа животот во нив.
Токму поради тоа е креирана оваа статија, која не е конечна и воедно добредојдена е секоја исправка или пак предлог за нејзино збогатување.
Коментарите можете да ги праќате на: itarpejo.org@gmail.com
Календар на селски слави и настани во Мариово.
Коледе е еден од најзначајните зимски празници во Мариово, во кој се преплетуваат старите народни верувања и христијанската традиција поврзана со прославата на Христовото раѓање. Овој обичај се практикува со векови и претставува важен дел од културното наследство на мариовските села.
Се празнува на 5 јануари, во пресрет на Бадник, кога жителите се собираат околу коледарските огнови. Огнот најчесто се пали на отворен простор, во центарот на селото или во маалата, каде што се собираат семејствата и соседите. Покрај огнот се пеат коледарски песни, а во минатото се раскажувале приказни и се изведувале традиционални обреди. Во минатото а и денес, собирот најчесто трае до раните утрински часови.
Коледарскиот оган има длабока симболика. Според народните верувања, тој претставува симбол на светлината, обновувањето и заедништвото, а воедно се смета дека неговата сила ги оттурнува злите сили и носи здравје, среќа и бериќет во домот.
Посебно место во прославата имаат децата, кои за Коледе одат од куќа до куќа и пеат коледарски песни. Со своите песни тие го најавуваат Христовото раѓање и на домаќините им посакуваат здравје, благосостојба и плодна година. За возврат, домаќините ги даруваат со јаболка, ореви, костени, колачи и други пригодни дарови.
Во некои мариовски села до денес е зачуван и обичајот во домот да се внесува слама, која ја симболизира пештерата во која се родил Исус Христос. На тој начин, празникот добива силно духовно значење и ги поврзува семејството, верата и народната традиција.
Коледе во Мариово не е само празничен обичај, туку и сведоштво за богатото културно наследство на овој крај. И покрај промените што ги донело современото време, многу од овие обичаи и денес се негуваат и се пренесуваат од генерација на генерација, како дел од идентитетот на мариовските села.
Прочитајте повеќе: Обичаи – адети во Мариово…
Бадник е еден од најзначајните христијански празници и се одбележува во пресрет на Христовото раѓање. Според јулијанскиот календар, кој го следи Македонската православна црква, Бадник се празнува на 6 јануари, додека Божиќ се слави на 7 јануари. Празникот ја симболизира радоста и исчекувањето на Христовото раѓање, а воедно го означува и крајот на Божиќните пости.
Во Мариово, Бадник отсекогаш имал посебно место во семејниот и духовниот живот. За разлика од други празници, овој ден е посветен исклучиво на домот и семејството. Според традицијата, вечерта секое семејство се собира околу заедничката трпеза, а посетите на други куќи не се практикуваат.
Централно место на бадниковата трпеза зазема погачата во која се става паричка. По нејзиното кршење, таа се дели меѓу членовите на семејството, но и симболично се наменува за куќата, добитокот и другите важни елементи од домаќинството. Се верува дека оној кај кого ќе се најде паричката ќе има среќа и благосостојба во текот на годината.
Бадниковата вечера во Мариово е посна и се состои од традиционални јадења, како што се грав, оризник, лук толчен со ореви, како и различни видови овошје, меѓу кои јаболка, круши, костени и ореви. Се подготвува и пивтија, која се консумира за време на божиќните празници.
Посебно значење имаат и обичаите поврзани со сточарството, кое со векови било главна стопанска дејност во Мариово. Рано наутро, на Божиќ, пред изгрејсонце, се посетувале трлата за добитокот да ја дочека зората во мир и благослов. Според народното верување, во куќата најнапред требало да влезе женско лице, кое ставајќи слама во огништето изговарало благословни зборови за здравје, плодност и напредок на семејството и добитокот.
Во благословот се изразувала желбата огнот да ја пренесе својата сила врз луѓето и животните, а годината да биде исполнета со нов живот, бериќет и семејна среќа. По извршувањето на обредот, гостинката се поканувала на појадок, при што најнапред се послужувало сирење. Според верувањата, не смеело да се одбие ниту едно понудено јадење, бидејќи тоа можело да донесе несреќа во домаќинството.
Божиќното утро започнувало со одење во црква. Жителите настојувале да пристигнат што е можно порано за да присуствуваат на богослужбата и да го одбележат големиот празник. Подоцна, во текот на денот, жените оделе во црквата за да раздаваат храна и дарови за покој на душите на своите блиски.
Овие обичаи сведочат за длабоката поврзаност на мариовскиот човек со верата, семејството и природата. Иако дел од нив денес се практикуваат во изменета форма, тие и понатаму остануваат значаен дел од културното наследство на Мариово.
Прочитајте повеќе: Обичаи – адети во Мариово…
Божиќ, или Рождество Христово, е еден од најголемите и најпочитуваните христијански празници. Со него се одбележува раѓањето на Исус Христос, а според учењето на Црквата, неговото доаѓање го означува почетокот на новото време и спасението на човештвото. Во православната традиција, Божиќ се празнува на 7 јануари, според јулијанскиот календар, кој го следи и Македонската православна црква.
Во Мариово, Божиќ отсекогаш претставувал празник на семејството, верата и заедништвото. По завршувањето на Божиќните пости и бадниковите обичаи, жителите на мариовските села со радост го пречекувале денот на Христовото раѓање. Празнувањето започнувало рано наутро со одење во црква и присуство на божиќната богослужба, која претставувала важен дел од духовниот живот на заедницата.
Во минатото, жителите настојувале уште пред изгрејсонце да ги завршат утринските обврски и да заминат во црквата. Во некои села се верувало дека оној што прв ќе пристигне во храмот ќе биде вреден и успешен во текот на целата година. По богослужбата, семејствата се враќале во своите домови, каде што продолжувала празничната трпеза.
Божиќната трпеза во Мариово се разликувала од бадниковата, бидејќи на овој ден постот завршувал и се подготвувале мрсни јадења. Посебно место имале традиционалните домашни производи, сирењето, месото и другите јадења што ги подготвувале домаќинките. Семејството се собирало околу трпезата, а празничниот ручек претставувал можност за заедничко дружење и зацврстување на семејните врски.
Во мариовските села биле распространети и бројни народни верувања поврзани со плодноста, здравјето и благосостојбата. Големо внимание им се посветувало на добитокот и на земјоделските култури, бидејќи од нив зависела егзистенцијата на населението. Затоа, многу од божиќните обичаи биле поврзани со желбата новата година да донесе богат род, здрав добиток и напредок во домаќинството.
Во народната традиција, Божиќ бил проследен и со песна. Во предвечерието на празникот и за време на божиќните денови се пееле посебни песни што го славеле Христовото раѓање. Овие песни, познати како каланди, претставуваат спој на византиската духовна традиција и македонското народно музичко творештво.
Во многу мариовски семејства, празничните обичаи се зачувале до денес. Иако современиот начин на живот донел бројни промени, Божиќ и понатаму останува симбол на верата, семејната слога и почитувањето на богатото културно наследство на Мариово.
Празнувањето на Божиќ во Мариово претставува живо сведоштво за вековната поврзаност меѓу христијанската вера и народната традиција, која и денес се пренесува од генерација на генерација.
Прочитајте повеќе: Обичаи – адети во Мариово…
Василица, или Стара Нова година, се празнува на 14 јануари, според јулијанскиот календар, и е посветена на Свети Василиј Велики, еден од најзначајните христијански светители. Овој празник претставува продолжение на божиќниот циклус и е поврзан со бројни народни обичаи и верувања.
Празникот бил проследен и со обичаи поврзани со здравјето, плодноста и бериќетот. Се разменувале добри желби за успешна година, а во некои мариовски села се организирале заеднички собири, на кои се пееле песни и се играле традиционални ора.
И денес, Василица во Мариово претставува симбол на семејното единство, почитувањето на традицијата и надежта за подобра и поблагородна година.
Водици, или Богојавление, е еден од најзначајните христијански празници, со кој се одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител. Во православната традиција, празникот се прославува на 19 јануари, според јулијанскиот календар. Водици има особено значење во христијанството, бидејќи го симболизира духовното очистување и обновување преку светата тајна крштевање.
Со празникот Водици завршува циклусот на зимските празнувања, кој ги опфаќа Бадник, Божиќ, Василица и другите празници поврзани со Христовото раѓање. Во Мариово, Водици е еден од најголемите народни и црковни празници, а неговото одбележување било проследено со бројни обичаи што ги обединувале верата, семејството и целата селска заедница.
Празнувањето и денес започнувалчо и денес започнува рано наутро со одење во црква. Потоа, од храмот се изнесувале иконите што можеле да се носат и најнапред трипати се обиколувала црквата, а потоа поворката продолжувала низ селото. Овој обред имал длабока симболика и се изведувал со верување дека ќе донесе здравје на луѓето, плодност на нивите и напредок на добитокот.
При обиколката на селото, поворката застанувала покрај чешма или пак река, каде што иконите се благословувале со вода. Токму тука се изведувал и еден од најважните обреди на празникот – фрлањето на светиот крст во водата. Овој чин го симболизирал осветувањето на водите и духовното обновување, а се верувало дека благословената вода ќе донесе здравје, плодност и благосостојба во текот на целата година. На тие места селаните ги пречекувале учесниците со ракија, сирење и месо, претворајќи го верскиот обред во заедничка прослава на целото село.
По враќањето на иконите во црквата, семејствата од своите домови носеле традиционални јадења, како што се мазници, погачи, месо и топла ракија. Потоа се повикувал кумот, кој носел посебна погача во која се ставал знак – крст, кој го определувал идниот кум. Погачата се делела меѓу сите семејства, а оној кај ќе го најдел крстот, ја преземал кумската должност за следната година.
Посебен обред бил поврзан и со најмладите членови на заедницата. Стариот и новиот кум ги носеле децата до кладенецот или чешмата, каде што ги попрскувале со вода како симбол на здравје, раст и благослов. Потоа децата повторно ги носеле во црквата, пред заштитникот на храмот, каде што се изговарале молитви за нивната благосостојба.
За време на празникот, кумовите изговарале благослови поврзани со плодноста и изобилството, посакувајќи богат род на житните култури и напредок во домаќинствата. Потоа следувал заеднички ручек, на кој секое семејство носело дел од храната, а кумот подготвувал традиционално јадење што се делело меѓу присутните.
По ручекот, празнувањето продолжувало средсело, каде се собирале мажите, придружувани од звуците на гајдите и тапаните. Се играле ора, се пееле песни и се посетувале селските куќи. Подоцна им се придружувале и жените, а прославата продолжувала до раните утрински часови.
Еден од најинтересните обичаи бил изборот на тројца мажи, познати како „ѓупки“, кои оделе од куќа до куќа и собирале храна и пијалаци за заедничката прослава. Собраните дарови се носеле кај стариот кум, каде што се подготвувала заедничка вечера. Вишокот храна се продавал, а собраните средства се наменувале за потребите на црквата.
Празнувањето не завршувало со првиот ден. Следниот ден жените ги продолжувале водичарските обичаи, посетувајќи ги куќите во селото и пеејќи песни. Бројот на песните зависел од бројот на членовите во семејството, а секоја песна содржела благослов за здравје, среќа и напредок.
Водици во Мариово претставуваат редок пример на зачувана традиција во која се преплетуваат христијанските обреди и народните верувања. Иако многу од старите обичаи денес се практикуваат во изменета форма, тие и понатаму сведочат за силното чувство на заедништво и за богатото духовно и културно наследство на мариовскиот крај.
Прочитајте повеќе: Обичаи во Мариово за Свети Јован и Водици…
Во православната традиција, Свети Атанасиј се празнува двапати во текот на годината. Зимскиот Атанасовден се одбележува на 31 јануари и е посветен на Свети Атанасиј Велики и Свети Кирил Александриски, двајца архиепископи кои имале значајна улога во зачувувањето и ширењето на православното учење. Летниот Атанасовден, кој се празнува на 15 мај, е денот на упокојувањето на Свети Атанасиј.
Во народната традиција, зимскиот Атанасовден се смета за празник што ја означува средината на зимата. Според народните верувања, на овој ден Свети Атанасиј се искачува на планината и симболично ја победува зимата, најавувајќи дека најсилните студови и мразови веќе поминале. (извор: Wikipedia…)
Селска слава во:
- Витолиште
- Галиште
Храмови
- Св. Атанасиј, село Старавина
- Св. Атанасиј, с. Зовиќ
- Св. Атанас, с. Градешница
- Св. Атанасиј Велики , Ивени
- …
Велигден, или Воскресение Христово, е најголемиот и најзначајниот празник во православното христијанство. Со него се одбележува воскресението на Исус Христос, кое, според христијанското учење, се случило на третиот ден по неговото распнување.
Велигден е подвижен празник, што значи дека не се празнува на ист датум секоја година. Сепак, неговото значење останува непроменето, бидејќи го симболизира триумфот на животот над смртта, како и победата на доброто над злото.
Во Мариово, Велигден отсекогаш бил празник на радоста, семејното заедништво и духовната обнова. Денот започнувал со одење во црква, каде што верниците учествувале на празничната богослужба и се поздравувале со традиционалниот поздрав: „Христос воскресна!“, на што се одговарало: „Навистина воскресна!“
Празникот бил проследен со богата трпеза, семејни собири и меѓусебни посети. Посебно внимание се посветувало на празничната облека, бидејќи секој сакал токму на овој ден да се претстави во својата најубава облека. Поради тоа, во народната традиција Велигден бил познат и како „плачко“, бидејќи не секое семејство можело да им обезбеди нова облека на своите деца.
За разлика од другите зимски празници, кога временските услови често ги ограничувале собирите, Велигден се празнувал во пролет, кога селото оживувало. Затоа, овој празник бил познат по веселбите, песните и традиционалните ора, кои претставувале неразделен дел од мариовската празнична традиција.
И денес, Велигден останува симбол на верата, надежта и обновувањето, а неговото празнување претставува важен дел од културното и духовното наследство на Мариово.
Селска слава во:
- Село Орле
Спасовден, или Вознесение Христово, е голем христијански празник што се празнува 40 дена по Велигден. Според христијанското учење, на овој ден Исус Христос се вознел на небото, завршувајќи го своето присуство меѓу учениците по воскресението.
Во Мариово, Спасовден се одбележува со посета на црквите, семејни собири и заеднички молитви за здравје, плодност и благосостојба. Како подвижен празник, неговиот датум се менува секоја година, но неговото духовно значење останува непроменето.
И денес, Спасовден претставува важен дел од верската традиција и културното наследство на Мариово.
Селска слава во:
- Вепрчани
- Кален
- Полчиште
- Рапеш
- Рожден
Храмови
- Xрам Вознесение Христово (Св. Спас), Ивени
- Св. Спас, Рожден
- Св. Спас, Градешница
- Св. Спас, Манастир Чебрен
- …
Духовден, познат и како Педесетница или Света Троица, е голем христијански празник што се празнува 50 дена по Велигден и 10 дена по Спасовден. Според христијанското учење, на овој ден Светиот Дух слегол врз Христовите апостоли, означувајќи го почетокот на христијанската црква.
Селска слава во:
- Село Кокре
Ѓурѓовден, кој се празнува на 6 мај, е еден од најзначајните пролетни празници во Мариово. Посветен е на Свети Георгиј Победоносец, а во народната традиција го означува доаѓањето на пролетта, обновувањето на природата и почетокот на новиот сточарски циклус.
Во пресрет на празникот, жителите собирале цвеќиња, зеленило и гранки, со кои ги украсувале куќите, портите, трлата и плевните. Посебно место имал бозот, врз кој членовите на семејството стапнувале рано наутро на Ѓурѓовден, верувајќи дека тоа ќе им донесе здравје и сила.
Празникот бил тесно поврзан со сточарството, кое претставувало основна дејност во Мариово. При првото молзење на овците се изведувале посебни обреди со кои се посакувале плодност, изобилство и напредок на стадата. Во подготовките се користеле коприва, млечка, црвено јајце, прстен и други предмети што во народните верувања имале заштитно и благословно значење.
Околу пладне, семејствата оделе во црква, носејќи храна и млечни производи што се делеле меѓу присутните. Заедничкиот ручек претставувал симбол на солидарноста и заедништвото, бидејќи секој добивал дел од принесената храна.
Еден од најпрепознатливите ѓурѓевденски обичаи било поставувањето лулашки на гранките од дрвјата. На нив најнапред се лулале децата, а потоа момчињата и девојките, придружени со песни и благослови за здравје, љубов и среќа.
Празничниот ден завршувал со собирање на средсело, каде што со звуците на гајдите и тапаните се играле ора и се пееле традиционални песни. Така, Ѓурѓовден во Мариово е празник кој ги обединува семејството, верата и богатата народна традиција.
Селска слава во:
- Село Пештани
- Манастир Чебрен
Во православната традиција, Свети Атанасиј се празнува двапати во текот на годината. Зимскиот Атанасовден се одбележува на 31 јануари и е посветен на Свети Атанасиј Велики и Свети Кирил Александриски.
На 15 Мај се празнува преносот на моштите на Св. Атанасиј Велики и чудата произлезени од нив.
Храмови:
- Св. Атанасиј, село Старавина
- Св. Атанас, с. Зовиќ
- Св. Атанас, с. Градешница
- Св. Атанасиј Велики (1860 год), Ивени
- …
Први август има посебно значење во Мариово, бидејќи е поврзан со почетокот на Илинденските чествувања и со споменот на настаните што оставиле длабока трага во историјата на овој крај. Во многу мариовски села овој ден претставува вовед во празнувањата што кулминираат следниот ден на Илинден.
Празникот е посветен на зачувувањето на историското паметење и на оддавањето почит кон борците што се бореле за слободата. Воедно, тој претставува можност за собирање на иселените жители, семејни средби и заедничко чествување на богатото културно и историско наследство на Мариово.
Храмови:
- Манастир Св. Илија Мелница
- Манастир Св. Илија (Брен) Градешница
Илинден, или Денот на Свети Илија, е еден од најзначајните македонски национални и православни празници, кој се одбележува на 2 август. Овој датум има особено место во историјата на македонскиот народ, бидејќи на 2 август 1903 година започнало Илинденското востание, а во 1944 година било одржано Првото заседание на АСНОМ, со што биле поставени темелите на современата македонска државност.
Во Мариово, Илинден отсекогаш претставувал ден на сеќавање, гордост и почит кон борбата за слобода. Празникот традиционално се одбележува со посета на црквите и манастирите, како и со организирање собири, културни настани и народни веселби.
Денес, илинденската традиција е спој на историски, патриотски, фолклорни и верски вредности, што го прави Илинден еден од најважните празници и симболи на македонскиот идентитет.
Селска слава во:
- село Градешница
Света Параскева – Петка Римјанка која се слави на 8 август е една од трите светителки кои во православната традиција го носат името Параскева. Покрај неа, особено почитувани се и Света Петка Епиватска, која се одбележува на 27 октомври, и Света Петка Икониска, чиј празник се празнува на 10 ноември.
Името Параскева потекнува од грчкиот збор што означува подготовка. Според историските толкувања, називот е поврзан со денот петок, кој во еврејската традиција бил ден на подготовка за саботата. Саботата, позната и како Пасха, претставувала еден од најзначајните празници во еврејската традиција. Подоцна, името Параскева станало широко распространето во христијанскиот свет и се поврзало со повеќе почитувани светителки.
Поради тоа што три различни светителки го носат истото име, во народната традиција тие честопати се поистоветуваат и се сметаат за една личност.
Света Петка Римјанка живеела во II век, во времето на Римската Империја. Родена е во Рим, во семејство познато по својата посветеност и добротворност. Нејзиниот живот и делување придонеле нејзиното име да стане широко почитувано во православната традиција.
Храмови:
- Манастир Св. Петка, село Бешиште
- Св. Петка, село Груниште
- Манастир Св.Петка село Маково
На 9 август, според православниот календар, се одбележува празникот посветен на Свети Пантелејмон, еден од најпознатите лекари и исцелители во христијанската традиција. На истиот ден се чествуваат и Свети Климент Охридски и Светите Седмочисленици, кои имаат значајно место во македонското културно и просветно наследство.
Свети Пантелејмон живеел во II и III век во Никомидија, во Мала Азија. Тој бил познат како вешт лекар, кој своето знаење го користел за да им помага на луѓето, особено на сиромашните и болните. Поради неговата хуманост и посветеност, неговото име и денес се поврзува со милосрдието и грижата за другите.
Храмови:
- Св. вмч Пантелеј (Пантеле) с. Бешиште
Преображение Христово или Преображение Господово — христијански празник кој се слави секоја година на 19 август. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.
Се прославува во:
Манастир Св. Атанасиј, село Старавина
Успение на Пресвета Богородица, познато и како Голема Богородица, е еден од најзначајните христијански празници и во Македонија се празнува на 28 август.
Празникот е посветен на Марија, мајката на Исус Христос, и се одбележува во православната, католичката и во другите христијански традиции. Називот „успение“ означува преминување или вознесение и е поврзан со верувањето за нејзиното заминување во небесната слава.
На празникот му претходи двонеделен пост, а со Голема Богородица се поврзани бројни народни обичаи и традиции. Во народната култура, Богородица се смета за заштитничка на семејството, мајчинството и домот, поради што празникот има посебно место во народната традиција.
Голема Богородица е еден од дванаесетте најголеми празници во православниот календар и се одбележува во многу цркви и манастири низ Македонија.
Селска слава во:
- Село Старавина
На 15 септември 1918 година се случил пробојот на Македонскиот фронт кај Добро Поле, еден од најзначајните настани од Првата светска војна. По неколкудневните жестоки борби, сојузничките сили ја пробиле фронтовската линија, што довело до брзи промени на воената состојба на Балканот.
Овој настан имал далекусежни последици и претставувал еден од клучните моменти што го забрзале завршувањето на Првата светска војна. Бројни места во Мариово и денес сведочат за присуството на војските и за трагите што војната ги оставила во овој регион.
Во чест на овој историски настан, здружението „Оф Роуд Македонија“ секоја година организира настан посветен на одбележувањето на Пробојот на Добро Поле и зачувувањето на сеќавањето на настаните од Првата светска војна.
Рождеството на Пресвета Богородица, познато и како Мала Богородица, е еден од дванаесетте најголеми празници во православниот календар. Се празнува на 21 септември според грегоријанскиот календар, односно на 8 септември според јулијанскиот календар.
Празникот е посветен на раѓањето на Богородица и се одбележува во многу православни земји. Во народната традиција, Мала Богородица е поврзана со семејството, мајчинството и бројни обичаи што се пренесуваат од генерација на генерација.
И денес, овој празник има значајно место во културното и духовното наследство на македонскиот народ.
Света Петка Епиватска, која се одбележува на 27 октомври е една од трите светителки кои во православната традиција го носат името Параскева. Покрај неа, особено почитувани се и Света Параскева – Петка Римјанка која се слави на 8 август и Света Петка Икониска, чиј празник се празнува на 10 ноември.
Името Параскева потекнува од грчкиот збор што означува подготовка. Според историските толкувања, називот е поврзан со денот петок, кој во еврејската традиција бил ден на подготовка за саботата. Саботата, позната и како Пасха, претставувала еден од најзначајните празници во еврејската традиција. Подоцна, името Параскева станало широко распространето во христијанскиот свет и се поврзало со повеќе почитувани светителки.
Поради тоа што три различни светителки го носат истото име, во народната традиција тие честопати се поистоветуваат и се сметаат за една личност.
Света Петка (позната и како Света Параскева и како Мајка Параскева) — светителка од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа е родена кон крајот на X век.
Селска слава во:
- Бешиште
- Будимирци (Манастир Св. Димитриј, Трново)
- Живово
- Чаниште
- Рапеш
Митровден, кој се одбележува на 8 ноември, е еден од најпознатите празници во Македонија и на Балканот. Името го добил по Свети Димитрија Солунски, историска личност од III век, чие име е тесно поврзано со градот Солун.
Во народната традиција, Митровден се сметал за граница меѓу летниот и зимскиот период. Со овој ден завршувале земјоделските и сточарските работи, а започнувале подготовките за зимата. Во минатото, токму на Митровден се склучувале договори за работа, кои најчесто траеле до Ѓурѓовден.
И денес, Митровден претставува значаен дел од македонското културно наследство и е поврзан со бројни народни обичаи и традиции.
Селска слава во:
- Зовиќ
- Живово
- Дуње
- Манастир
- Гуѓаково
Храмови
- Св. Димитриј, Градешница
- Св. Димитриј, Чебрен
- Св. Димитриј, Брник
- Св. Димитриј, Груништа
- Манастир Св. Димитриј, Трново
Собор на Св. Архангел Михаил кој се одбележува на 21 ноември, е еден од најпознатите празници во македонската народна традиција. Празникот е посветен на Свети архангел Михаил, а меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел.
Во многу семејства, Аранѓеловден се слави како семејна слава и е проследен со заеднички собири и домашни прослави. Со празникот се поврзани бројни народни верувања и обичаи, поради што тој зазема значајно место во културното наследство на Македонија.
И денес, Аранѓеловден останува еден од најпочитуваните празници во народниот календар.
Селска слава во:
- Село Врпско
Свети Никола, кој се празнува на 19 декември, е еден од најпочитуваните светители во Македонија и на Балканот. Неговиот празник е длабоко вкоренет во народната традиција и се одбележува во многу семејства како домашна слава.
Во текот на вековите, Свети Никола бил прифатен како заштитник на патниците, трговците, сиромашните и луѓето на кои им била потребна помош и заштита. Токму поради неговата голема популарност, многу цркви низ Македонија се посветени на овој светител.
Во голем број села, главните селски или катедрални цркви го носат името на Свети Никола. Причината за тоа е што тој бил сметан за заштитник на заедницата, а неговиот култ бил широко распространет уште од средниот век. Поради тоа, храмовите посветени на Свети Никола често претставувале духовни, општествени и културни центри на селскиот живот.
И денес, Свети Никола останува еден од најзначајните празници во македонската традиција и е важен дел од културното наследство на многу населени места.
Храмови
- Св. Никола, Манастир
- Св. Никола, Градешница
- Св. Никола, Будимирци
- Св. Никола, Зовиќ


