Мориово е името што се употребува во службената администрација, додека во делата на Стале Попов, како и во некои други статии за Мориово, а исто така и во говорот на Мориовците се употребува името Мариово. Името Мариово по мислењето на некои било оправдано, бидејќи тоа доаѓало до Марија која некогаш владеела во оваа област.
„ ТРАДИЦИОНАЛНОТО ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА ВО МОРИОВО“ | Автор: Стојан Дарковски, Скопје | „Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Тоа е една ритчеста висоравнина низ која со еден дел од својот тек минува Црна Река, низ прилично длабока клисура На југ се простира до планината Ниџе, на запад до Селечка Планина, на исток до Тиквеш, односно до реката Блашчица, а на север до Дрен Планина. Селата според близината комуницираат со три града: Битола, Прилеп и Кавадарци. Најоддалечени од трите града, што би се рекло во центарот во Мориово, се селата Витолиште, Полчиште и Бешиште.
Една од најважните карактеристики е големата оддалеченост од градските населби и слабата комуникација со истите. Баш поради тоа, влијанија од било кој вид можело да има.
Во сите села живеат исклучиво Македонци. Нема доселеници од други краишта, ниту пак некои народности.
Тоа е претежно сточарско-земјоделско подрачие, а денес земјоделието замрува, a се развива шумарството и рударството.
Главни заеднички карактеристики на Мориовците од дваесет и шесте села, колку што се вбројуваат во Мориово, се: говорот, облеката и обичаите. Подробно за трите карактеристики на Мориовците може да се најде во делата на Стале Попов: “Крпен живот”, “Опасна печалба”, “Толе Паша”, “Калеш Анѓа” и “Мариовски панаѓури”. Тоа се белетристички дела, но она што во нив е изнесено за овој крај е реална слика за минатото на овој крај.
Можеби ова подрачје би било интересно не само за географијата, ами и за етнографијата како и за етнопсихологијата.
За време на бременоста нема скоро никакви промени во начинот на живеењето и работата кај бремената жена. Јаде се што јадела и пред тоа, доколку не одбива самата. Постои уверување дека на бремена жена мора да и се даде да касне од она што ќе види други да јадат. Тоа се прави зашто во противно ќе дојдело до абортус.
Ги работи скоро сите работи што ги работела и пред тоа, зависно од сезонските услови и од условите во фамилијата. Единствено бремената жена се поштедува од кревање на тешки предмети, а во другото “невестата треба да е прва”.
Некои нарочни ограничувања нема, само што не смее да оди кај мртовец, да пали свеќа или да оди на гроб и тоа, за да не било детето жолто.
Во случај кога на некоја жена претходно родените деца и умирале, за време на бременоста, т.е. при крајот на бременоста, се прави следната церемонија. Се замолува некоја парјаксана жена, т.е жена која го поминала климактериумот a е и вдовица, да земе од три воденици брашно и тоа без да ја знаат воденичарите. Од тоа брашно да месе колак голем колку за да ја фаќа бремената жена да се провне низ него. Ноќта околу 12 часот, (“глува доп”), бремената жена и парјаксаната жена одат на реката на некој средорек каде што бремената жена ќе се “провне” низ колакот. Бремената жена ќе биде облечена само во некоја износена облека, а в раце ќе носи друга облека. Тоа е така затоа што бремената жена ќе се “провне” низ колакот гола а после тоа ја облекува облеката што ја носела в раце, додека она облека во која е облечена пред тоа ја остава таму, а исто така таму останува и колакот. Кога ќе си одат дома воопшто ништо не зборуваат по патот и не се обзираат (не се завртуваат) назад.
Исто така пред породувањето се приготвува обрач од железо низ кој ќе се “провне” малечкото одма при раѓањето. Обрачот се прави од железа кои се земени од три вигни (ковачници) без пазарење (“непазарено железо”) т.е. колку што ќе побараат пари толку им се дава како на оние ковачи од кој што е купено железото, така и на оној кој што ќе го прави обрачот.
Во ваквите случаи т.е. кога на некоја жена и умираат децата, наредното новородено дете се “фрла” на улица или на пат и кој што прв ќе го види малечкото, тој ќе му биде нунко.
Породувањето се врши во простории во кои луѓето поретко навратуваат, како што се визби и земници како и во делот на куќата каде што лежат добиците.
За породувањето скоро секогаш се вика постара жена од селото на која “и е позната” таа работа Обично во секое село има по неколку жени кои се викаат на повеќе места во вакви случаи a се наречени “баби”. Понекогаш породувањето се врши само во присуство на свекрвата, ако е вешта во тој поглед, или во присуство на мајката од родилката, а почесто во присуство на двете.
Папочната врвца се прекинува со два камења кои претходно се измиваат. Co камења се прекинува, зашто се смета дека таквото прекинување е најхигиенско. He е редок случај папочната врвца да се пресекува со срп. По прекинувањето на папочната врвца истата се подврзува со “надавок”, т.е. со неколку влакна од човечка коса.
Откако ќе се уреди работата со папочната врвца, новороденчето се посипува со пепел за да се впијат наслагите од нечистотија, а главата му се “изгмечува” за да се отстранат деформациите од породувањето и се стегнува со шамија. После тоа се завиткува во некоја крпа и се остава така дваесетина минути. За тоа време се стоплува вода за капење. Водата треба да биде млака, a се проба со рака (дланката). Се измива во водата и тоа во дрвено корито, така што прво му се измива главата, па грбот, a после се легнува на грб за да му се измие предната страна. По завршеното капење се вади од коритото и тоа така што со двете раце се фаќа за главата. Едната рака притиска на челото а другата на тилот, се замавнува кон огинот со нозете а при тоа се испушта глас со собрани усни како за бакнување (вообичајно се бележи со “цмок”). Така се фаќа новороденчето кога се вади од коритото за да не му се издолжува главата, а вратот да не му останел кус т.е. со тежината на телото вратот се издолжувал. Така земено новороденчето, откако ќе се замавне на опишаниот начин се става во чисти пелени претходно приготвени и се повива. Co исклучок на најдолната пелена која е дебело платно, другите се волнени. Се завиткува целото тело на роденчето така што и рацете му се завиткани во пелените од како претходно се прибрани кон телото. При повивањето се внимава нозете добро да бидат испружени. Главата му се подбрадува со црна шамија која долу е опфатена од пелените. Новороденчето се подбрадува задолжително со црна шамија за родилката да не ја кренат “навии” (тоа е изгледа после пороѓајна психоза). Во случаите кога родилката настрадува од “навии” се врзува со алов (портокалов) конец за верушките за да и поминело.
Така искапено и повиено новороденчето лежи околу еден час, a потоа пак се расповива и се капи во солена вода. После тоа некои го посолуваат со сол по целото тело, некои не, а потоа се повива. Во солена вода се капе новороденчето за да не се потпарувало. Така ако некое дете добива ранички во превојте се мисли дека не била доволно солена водата кога се капело во опишаниот случај.
Повиено после капењето во солената вода ќе лежи околу два часа, а потоа пак се капи но овој пат во чиста вода со сапун. Од како ќе се искапи во чистата вода со сапун се повива и се остава да одмара(спие). Ако случајно по ова капење не заспие значи дека новороденчето го боли срце или нешто друго. За да помогне во тој случај, се зема малечко лажиче и еден страк борина. Борината се запалува, а лажичето се држе над пламенот за да се исчади. Во така исчаденото лажиче се намолзува млеко од мајката и му се тура во устата на новороденчето. Се верува дека, кога мајката не ја боли срце и половина по раѓањето, срце ќе го боли детето.
Ако се случи новороденчето да јави пена на устата са мисли дека му е ладно, па се натоплува крај огинот.
После породувањето т.е. после паѓањето на постилката родилката се става да лежи на слама врз која има само некое постилаче. Родилката се става да лежи на слама за да било малечкото “сенлија” (добро градено). Така лежи два ноќа.
По раѓањето на родилката и се дава да се напие чај, а покасно и се дава и леб, а може и сирење. Во овој поглед нема некои строги ограничувања и постепеност од лесна кон потешка храна. Давањето на јадење по породувањето зависи од приликите и од апетитот на родилката. Почнува да јаде се освен оние јадења што не смее да ги употребува додека е леунка На леунките, како што ќе биде покасно речено не им се дозволува да јадат лук, риба и кокошкино месо.
Некои обичаи што се одпесуваат на родилката во наредните денови и недели по раѓањсто.
– За нешто веќе е речено е сега ќе продолжиме со обичаите што почнуваат уште одма по раѓањето. Така кога ќе се стави родилката да лежи на сламата, до неа се става шутар (скршено грне или стомна) во кој има катран од борова смола, а во него секоја вечер се пушта жар од кој се зачадува, а родилката се потчадува секоја вечер се додека е леунка (шест недели). Исто така до постелата на леунката се ставаат и врзани гребни за домашно влачење на волна кои стојат додека трае леунството.
Откако ќе се уљуди детето во првиот ден се прави молитва. Тоа е мала молитва, за разлика од големата молитва со која што леунството завршува. За молитвата бабата зема едно крондире (земјен сад во вид на стомна) во кое има вода, а на устинката (отворот) има ставено босилок и оди кај попот. Попот го зема крондирето од бабата, ја тура водата во мисуре (посатка), го става крстот во водата, наронува од босилокот и почнува да пее. По завршената церемонија, водата пак се тура во крондирето и се донесува дома. Од таа вода родилката си ги натопува градите, а потоа секое утро, до шесте недели, од таа вода се тура по малку во водата кога се капи детето.
На третиот ден утрото од како ќе се измие малечкото ќе ја скорнат и родилката Ќе се искапе и ќе се пресоблече. Потоа ќе се собере сламата на која што лежела родилката и ќе се нареде во пет купчиња подеднакво оддалечени од центарот каде што се ставал стол на кој што седнува родилката држејќи го детето во рацете а до неа има ставено маша. Таа е наметната со гуна, а на главата и се става буле на кое има турено сол. Булето е месено уште на денот на раѓањето кое било потребно и за првото подојување за кое ќе се каже после кога ќе се зборува за исхраната на детето. Мајката седната е така што со лицето да биде завртена кон изгревот на Сонцето. Купчињата со слама ќе ги запалат, a мајката во тоа време му дава на малечкото да цица Горењето на сламата се применувало како заштита од болести како за малечкото така и за мајката.
Потоа мајката станува носејќи го малечкото и машата и излегува надвор. На вратата има ставено секира и леѓен за вода, а кога мајката излегува низ вратата бабата вели: “Преку сечиво помина не се пресече, преку вода помина не се удави”. Кога ќе излезе во дворот мајката ќе се фати за родовито дрво и ќе погледне во Сонцето, а потоа се враќа дома каде што легнува во чиста постела.
До шесте недели родилката се вика леунка и за тоа време има доста ограничувања во секојдневниот живот. Така за тоа време таа не јаде на “саниата” (софрата) заедно со останатите членови во фамилијата, ами сама. Навечер штом зајде сонцето не би требало да излегува надвор, а ако сепак има потреба да излезе тогаш ја придружува некој член од фамилијата, или ако тоа не е можно, ја зема со себе машата и се наметнува со гуна а до детето остава метла за да не било доенчето само. Во времето кога заоѓа Сонцето леунката мора да седи до детето и тоа било да е дома или в поле на работа После заоѓање на Сонцето пак може да продолжи да работи. Тоа се правело да не и “заѓало” (прекратувало) млекото.
Додека е леунка може да работи се со исклучок на ткаењето и влачењето кои не смее да ги работи. Но, прворотката за адет скоро сите работи ги заработува Така ќе појде некаде каде што сноваат, да заснова, каде што ткаат да заткае, и сл.
Што се однесува за исхраната речено е дека јаде се со исклучок на лук, риба и кокошкино месо. Овие ограничувања се поштуваат за да не дојдело до падавица (епилепсија) како кај доенчето така и кај мајката.
Во однос на хигиената карактеристично е тоа што за шесте недели т.е. додека е леунка се капе и преоблекува три или пет пати, само така што во тој ден кога се капе не се преоблекува, а ми се преоблекува дури другиот ден.
Додека е леунка не смее да спие заедно со мажот, ами одделено само со доенчето, а полови односи се дозволени по шесте недели и тоа откако ќе си направе родилката молитва.
Како што се гледа скоро сите ограничувања или обреди се прават заради заштита од болести. За таа цел т.е. за претпазување од болести се праве и следното. Уште во првите денови по раѓањето се земаат жарје (неизгаснет јаглен) и се толчат заедно со лук и тоа со тилието од теслата во бакарна тепсија. Од смесата што се добива се става во бело крпче и се врзува за десната плетенка на родилката и на повојот на доенчето.
Леунството трае до навршувањето на шест недели по раѓањето, a тоа се прекратува со правењето на голема молитва. Ако веднаш т.е. во почетокот на седмата недела не се направи молитва, тогаш леунството се смета дека се уште трае така да тоа може да трае дури и до девет недели.
На денот на големата молитва утрото се дотурува водата од крондирето што беше турена при малата молитва и се искапува доенчето. Потоа се повива во нови пелени, а старите ги ставаат на зелено дрво. Леунката исто така се преоблекува во нови алишта Доенчето го зема бабата, а мајката оди по неа до црквата. Таму доенчето го зема мајката и застанува пред вратата. Излегува попот и го става петравилот на главата и почнува да пее. Потоа доенчето го зема попот, го внесува во црквата и го доближува до иконите да ги бакнува Ако е машко доенчето се внесува и во олтарот, а ако е девојче не се внесува. Потоа попот го остава доенчето на “престолот” од каде си го зема мајката Кога ќе си тргнат од црквата не си одат право дома, амо прво одат во друга куќа и тоа кај мажова роднина или ако мажот нема тука роднини, кај некои пријатели, но се бира неповторена куќа т.е. во таа куќа да нема преомажено или преоженето. Кога ќе дојдат во неповторената куќа, на вратата ги пречекува домаќинката која претура низ повојот на детето три пати вода и брашно. Кога ќе влезат внатре во куќата, доенчето го оставаат да лежи, а тие ручаат. После ручекот си тргнуваат за дома, a домаќинката на детето му дава пара, леб и кромид. Сето тоа се прави за да имала мајката млеко.
По враќањето во својот дом мајката ги зема садевите за вода и оди по вода од чешмата, a пo враќањето од чешмата, го расповива доенчето и го повива во старите пелени.
Потоа мајката ги исперува постелнините во кои лежела како леунка. Вечерта си ја облекува истата кошула во која се породила и за прв пат по раѓањето легнува заедно со мажот.
Прво подојуоање (задојување). – После третото капење по раѓањето за кое што беше порано речено доенчето се остава да одмара, а почнува да се припрема за задојување на новороденчето. Првото подојување се врши осум до 10 часа по раѓањето и тоа првото подојување не го врши мајката, ами друга жена-задојница. За задојница се бара здрава, убава и “итра” жена која што се разбира има доенче. Ако новороденчето е девојче се бара за задојница жена која има женско доенче, а може да биде задојница и жена која има машко доенче само ако постојат родбински врски со таа фамилија. Тоа се применува зашто доенчињата после задојувањето се сметаат како брат и сестра. Постои опасност кога ќе пораснат да се земат, што не смее да биде.
Ако доенчето е машко задолжително се бара жена која има машко доенче. Само во случаите кога не може да се најде таква жена, за задојница се вика и жена која има женско доенче. Машко не требало да се задојува од жена која дои девојче зашто машкото ќе го страело ноќе.
При задојувањето освен задојницата се викаат и неколку жени од најблиските роднини. На задојувањето можат да одат само жени кој имаат родено и мали деца до пет години, а други лица не смеат да одат.
За задојувањето се припрема следното. Се месат погачи, се вари грав, се припрема кафе и ракија. Присутните не седат на софра, ами се постила “наземи” (на подот) рогузина на која се постила покров (домашна дебела ткаенина од козина), над покровот се постила черга, по средината на чергата се постила цедило, а на страните се ставаат перници или свиткани рогузини за седење. Поканетите жени носат погачи. За ручекот ги раскршуваат погачите и си даваат парчиња погача една на друга при што велат: “Нека му е на здравје на “пурдето”. ако е машко или на “дуда” ако е женско. Потоа се раскршува погачата на домаќините која што е ставена цедилото уште при постилањето и од неа им се дава на присутните по едно парче се тура и грав и почнуваат да јадат и тоа макајќи. Лажици за сркање на се даваат за да не лажело детето. По ручекот новороденчето го зема едно машко дете од присутните на кого што двата родители му се живи и и го подава на задојницата. Задојницата го зема новороденчето и го става прво на десната града (пред да и се даде новороденчето на задојницата се става до мајчината града без да му се даде да цица. Тоа се правело за детето да ја ризало мајка си). Додека новороденчето цица при задојницата му се редат разни предмети со кои се пожелува детето да имало соодветни особини: ѕвонец-убаво да пее, митла-да мете, срп-да жнее, чешел и огледало-да е чисто, пердув од кокошка-за да е лесно во работата да не е тромаво, вретено-да преде, чорап-да плете, ракав-да везе, книга и молив-добро да уче, ќесе (портмоне)-да е паралија (богато), а на машкото му се става рачица-да е орач, тесла-да е мајстор. Некои работи се ставаат за претпазување од болести така на пример се става леќа за да не го фаќале “дробни” (болест при која здивот на детето ќе му мириса, a изметот ќе има зелема боја и ќе е во вид на јатки) исто така му се става и лепешка за да не ги секнувале (луѓе кога ќе го гледаат може да го “секнат” па детето ќе се разболело). Од како ќе се стави да цица и на левата града, истото дете што и го даде на задојницата го зема новороденчето и го тркалка по трпезата и тоа прво нагоре, (кон челото на “трпезата”), надолу и пак нагоре. На трпезата каде што се тркалка малечкото има растурено шеќер и трошки од леб. Шеќерот се става за да биде детето благо т.е. да не е нервозно, а лебот за да е сито. Од оние трошки што ќе се залепат на пелените се заранува новороденчето и тоа тие трошки му ги става во устата жена која многу јаде и која е дебела. Потоа ќе и се даде на мајката која веќе ќе почне да го дои.
До третата вечер новороденчето лежи заедно со мајката “наземи”, а третата вечер се става во корито и до шесте недели ноќе лежи во корито. Прво во коритото се става сребрена пара, потоа се постила машка кошула од дебело платно, а врз кошулата во коритото се става детето откако претходно ќе му облечат платнено кошулче. Се собираат сите предмети што му се ставаат при задојувањето и пак се редат врз доенчето. Потоа петмина го нишаат по три пати при што му пожелуваат добри особини: да е работно, да е чисто и.т н. Потоа го повиваат сосем кошулче, а пред тоа се повиваше само со пеленки. При тоа десната рака му се остава слободна за да се бранело од “наречниците” кои ќе дојделе таа ноќ околу дваесет и четири часот и ќе ја одредат иднината на новороденчето. Постои и една легенда која се прикажува во овој крај. “Бил еден ерген момок во некоја фамилија. Тие добиле малечко кое било женско. Момокот решил третата вечер, кога ќе дојдат наречниците да не спие и да слуша што ќе му одредат на новороденчето. Покрај другото што рекле наречниците, третата наречница рекла, дека кога ќе пораснело девојчето да се омажело за момокот. Кога го чул тоа момокот се навредил, го зел новороденчето и го исврлил надвор низ пенџерето. Арно ама при паѓањето девојчето се закачило со повојот за кол и останало живо. Одило време и навистина момокот се оженил со тоа девојче”
Новороденчето се крштева во третата недела, a се остава за во петата само ако тогаш нема поп или ако домаќинот не е припремен со дарови.
Крштевањето се врши во неделен ден, а припремите почнуваат уште во петокот. Така во петокот се месат погачи, а бабата оди да ги кани нункото и попот за крштењето со тие погачи. Во сабота се месат погачи за крштењето што ќе биде утрото во неделата.
Во неделата утрото ако не се пости едно машко од куќата оди кај овците и зема бравче или шилеже да заколат за месо, ако е посно претходно се купуваат риби и грав. Од како ќе изгрее Сонцето се залева вода за да го искапат доенчето. Го капат и го повиваат во новите пелени. Потоа го зема бабата, го става на бела машка кошула направена од дебело платно и го носи на црквата, a со неа оди и малечко девојче (од 5-10 години) кое носи ѓумче со топла вода
Нункото од својот дом право оди во црквата носејќи и тој ѓумче со топла вода. Кога ќе дојдат во црквата застануваат пред вратата и бабата му го предава малечкото на нункото кој го прифаќа на испружените водоравно напред раце во кои држи по една запалена свеќа Попот излегува од црквата со книгата в раце, почнува да пee, а потоа го прашува нункото за име. Нункото го кажува името а потоа повторува она што зборува попот. После тоа влегуваат во црквата, нункото го остава на подот а бабата го расповива малечкото. Потоа го зема попот и го искапува во нарочното казанче за крштавање на деца Во казанчето е турена водата што ја донесува бабата и нункото, а уште во водата попот тура и мир (нарочна масловидна течност). По капењето го зема нункото и го облекуваат во алиштенцата што ги донесува нункото, а тие алиштенца што ги носеа од дома ќе му ги однесат в раце. По облекувањето и повивањето на главата на малечкото му врзуваат каишче со паричка (турско грошче или стара пара) и црно жужле. Жужлето е некаква творевина од бумбарите чии што ларви се развиваат во некои дрва.
По завршувањето на опишаните церемонии во црквата си тргнуваат за дома Малечкото го носи нункото, a пo патот до дома не зборува ништо со никого. Кога ќе стигнат дома, нункото го остава малечкото во јаслите и оде горни крај во делот на куќата каде што седат луѓето. Ги поздравува присутните со “добро утро” додавајќи: “да е жив новиот човек и честито новото име”. Потоа присутните го прашуваат за името, а откако ќе го каже името нункото седнува. Тогаш родилката дојдува до нункото, му бакнува рака и му става прстенна десната рака Откако го почестуваат со кафе нункото си оди дома
Кога ќе дојде време за ручек свекорот зема едно шише со ракија и оди да го “земе” нункото за ручек. Наваму по патот идат заедно свекорот и нункото, а погачата на нункото ја носи свекорот, додека нунката иде по нив и носе тепсија на главата во која има месо или мазник, ако се мрси, а риба ако се пости.
Кога ќе стигнат дома пак поздравуваат честитајќи го новиот човек и новото име и седнуваат на трпезата каде што има и други гости кои домаќините си ги поканиле. Обично се канат најближните роднини.
Поседуваат малку гостите пиејќи ракија, а потоа се носи за ручек. Пред да почнат да ручаат се донесува погачата на нункото и се става на трпезата за да стават на неа присутните пари. Кога ги ставаат парите велат: “од мене малку од господ многу”. Тие пари се за малечкото. По ручекот се донесуваат даровите за нункото и нунката им се даваат прво ним а потоа и на останатите гости им се дава по некое дарче.
Потоа сите си одат, а при самото заминување го даруваат малечкото со пари. Нункото и нунката си одат последни а пак до дома го допраќа свекорот на родилката носејќи ја торбата со погача. Сега во торбата на нункото ставаат погача домаќините, зашто на нункото погачата ja раскрши за ручек од како ги зедоа парите што ги фрлаа гостите пред самото јадење.
Како што е спомнато порано прво го подојува друга жена а не мајката. Првото подојување се врши осум до десет часа по породувањето зависно од тоа во кое време на деноноќието е родено малечкото, зашто како што е речено првото подојување се врши со извесни церемонии кои се прават во денот.
После првото подојување од друга жена почнува да го дои мајката се до навршувањето на две и пол години, ако е девојче , а три години, ако е машко. Девојчињата се дојат две и пол години зашто нечинело тие да цицаат три велигденски пости.
Во случајот кога мајката има доволно млеко за да го дои малечкото нема никакви проблеми околу исхраната. Во однос на доењето нема никаков ред. My се дава да цица според потребите на малечкото. Штом заплачува му се дава да цица, па дури и во случаите кога тоа плаче од други причини.
Се додека се дои детето, му се дава да цица без некој одреден ред како што е речено и без постепено намалување на бројот на подојувањата.
Во тој поглед има извесни ограничувања кои се јавуваат од објективни причини и тоа кога веќе детето е прилично возрасно, a мајката оди на полски работи. Во тие случаи обично малечкото се подојува на утро, на ручек и навечер. Ова не е правило, зашто во повеќе случаи децата се носат и по полската работа
Како што нема некој ред во доењето исто така нема некоја системност во однос на прихранувањето на доенчето, па ниту покасно на малото дете. Почнува да се прихранува после петтиот месец, односно веќе кога покажува интерес кон она што јадат возрасните. Се разбира колку доенчето е повозрасно толку повеќе завзема место прихранувањето, но за таа цел не се приготвуваат посебни јадења за доенчето, ами му се дава од она што јадат возрасните. Штом побарува јадење кога не јадат возрасните, обично му се дава леб и сирење. Но, има деца кои што до одбивањето не се прихрануваат со ништо. Пошто при доењето нема никаков ред и намалување на бројот на подојувањата, самото одбивање на доенчето е нагло и прилично тешко. Главно средство за одбивање е страот.
На денот на одбивањето мајката уште рано му меси буле на детето, му вари јајца Кога ќе се разбуди малечкото го зема мајката му обесува на вратот торбенце кое е правено нарочно за таа прилика и го подојува за последен пат. Потоа го зема булето, го удира детето по тилот и вели: “Кога ќе си го видиш тилот тогаш цицка да побараш”. Потоа го става булето и јајцето во торбето и му вели: “еве ти буле, јајце и бомбони (и бомбони му става во торбето како и пара) да јадиш, а цицка повеќе да не бараш оти ја изеде мечката” и покажува на кожата од еж која во тој момент ја закачува за гушалето. Потоа му се зема торбето на малечкото, се истура она што било внатре и се гледа по што прво ќе посегне детето. Ако посегне по парата ќе било богато, а ако посегнело по јајцето ќе било сиромашно.
Од тој ден дотогашното доенче останува без мајчиното млеко и при секој обид да бара цицка се заплашува со ежовата кожа со која дури и се подбуцнува за да престане да се доближува до мајчините гради. Во првите денови се залажува со слаткиши, а потоа почнува да се храни со се она што јадат возрасните како и за време на прихранувањето ако такво имало.
Во однос на исхраната тешко поминуваат оние мајки кои немааат доволно млеко да го дојат малечкото. Во таквите случаи кога било можно се користело козјо и кравјо млеко, но во повеќе случаи уште од првите денови по раѓањето недостигот од млеко се заменувал со кашичка направена од пченично печено брашно, вода и шеќер. Таква е исхраната на ваквите доенчиња се додека не почнат да јадат она што јадат возрасните. Кашичка му се прави обично наутро и навечер во случаите кога млекото од мајката е недоволно, а ако тоа е сосем малку или воопшто го нема, кашичката се прави почесто.
Изгледа дека најмногу смртни случаи има од овие дечиња, зашто не само што се прави само едноличната кашичка без сите потребни хранливи материи, ами и хигиената при приготвувањето на кашичката е на ниско ниво така што постојат одлични услови за различни заболувања.
После одбивањето во исхраната на детето главно место завземаат компирите, леќата а исто така и оризот. Често му се прават и питулици со лук. Во првите денови како што е речено му се даваат бомбони и леблебија, а од овошје му се даваат костење, а ако има и јаболка.
Карактеристично за исхраната на малите деца по одбивањето е тоа што најмногу му се дава леб како што јадат возрасните, уште во најраните години децата се навикнуваат да си јадат по малку од она другото што се дава со лебот за да им стигне да се најадат. Така ако им се даде се лебот и сирење децата стално се напоменуваат да си каснуваат по малку сиренце, а ако им се даде да јадат на која манџичка пак се настојува да си сркаат по малку да не ја полнат лажицата, или ако макаат по малку да си макаат.
Кога го спомнавме макањето не е лошо да се нагласи и тоа нарочно во поранешните времиња скоро сите јадења се макале со прсти т.е. со залази во прстите. Се сркало обично со дрвени лажици. Виљушката почнува да се употребува во поново време, па можеби затоа повеќето јадења се макале. Сето тоа спонтано го примале и децата. За потребата на ножот како помошно средство при јадењето не може да стане збор во смисла на цивилизиран начин на употреба. Се употребуваат малечки ножиња со скренчиња кои обично се врзани со синџир. Секој возрасен член и поголемко дете си има ноже врзано со синџирче кое го употребува за сечење на лебот. Таков е случајот изгледа затоа што повеќе пати членовите од фамилијата работат одделно каде и што јадат, a се принудени сами да си сечат леб за јадење како и нешто друго. Тоа важи и за децата зашто уште од осумгодишна возраст почнуваат да помагаат во чувањето на стоката и некоја друга работа.
Во повеќето фамилии децата јадат одделно од останатите членови. Така за малите деца се прави нарочно малечко саниче (софриче) и на него јадат децата се до навршувањето десетата или единаесетата година, а потоа јадат заедно со другите членови. И во случајот кога децата јадат на иста санија (софра) со возрасните, јадењето им се тура во засебно мисуре. Тоа значи дека сите возрасни јадат заедно од ист мисур или порција, а децата пак сите заедно, ако ги има повеќе што е почест случај јадат од друг мисур. Спомнувам почесто има повеќе деца во една фамилија, зашто браќата живеат заедно до стари години (ова нарочно порано).
Некои активни интервенции за правилно држење при јадењето не се применуваат освен што се настојува лажицата да се држи во десната рака. При пиењето на вода се навикнуваат децата да го почитуваат правилото “стар по стар” што значи прво треба да се напие постариот по потоа помладите како што се по возраст.
За хранливите продукти кои се употребуваат по нешто веќе е речено, а речено е и тоа дека она што јадат возрасните тоа им се дава и на децата уште од малечки, што значи дека не се припремаат некои јадења нарочно за децата. Како што е речено се јаде многу леб. За секојдневна исхрана се употребува леб од пченично и ‘ржано брашно, а за свечености или други прилики се месат погачи или зелници само од пченично брашно, а за малите деца почесто се месат булиња само од пченично брашно, нарочно по одбивањето.
Co лебот како сува храна најмногу се употребува сирењето. Тоа можеби доаѓа оттаму што повеќето домаќинства стоката ја чуваат по колиби, а преку летото работат в поле каде што и лежат така што таа им е најпогодна храна. Кога спомнувам погодна мислам и на тоа што повеќето домаќинства имаат сирење како свое производство, а не станува збор за купување.
Исто така во исхраната многу се употребува и сланината, па било да е на колиба или дома. Едноставно сланината, ќе се насечи во тавата и ќе се испржи. Нарочно преку зимата тоа е редовно јадење и само одвреме навреме се сварува некое вариво или се “примесува” нешто (зеленчук или сл.). Измена во тој поглед има во постите кога пак се јаде само леб и пиперки, а има почесто варива отколку во мрсниците. Тоа нарочно важи за божиќни и велигденски пости. Во овие пости на децата им се дава само леб и пипер, а варива добиваат кога и возрасните.
Освен сланината, друго месо ретко се употребува и тоа само за некои празници кога се колат кокошки или овци.
Млеко во секојдневната исхрана не се употребува, зашто овците се групирани од повеќе домаќинства и не се молзат дома, така што млеко се зема по два-три пати во годината и се прави сирење. Во тој поглед исклучок прават сточарите кои се разбира секој ден употребуваат млеко, но сепак децата во тие фамилии не употребуваат редовно млеко, зашто како што е спомнато овците се молзат в поле и таму се прави сирење.
За вариво најмногу се употребува гравот и леќата а поретко се прават јадења и од компир. Оризот се заменува со таканаречен бонгур кој се добива од пченицата на тој начин што пченицата добро ќе се исуши а потоа се меле на “рачник”. Спомнат е зелникот во кој се става зелје од шчавеј, а во раната пролет и од коприви. Зелје се приготвува и засебно како јадење.
Од зеленчукот во исхраната најмногу се употребува пиперката и тоа туршија и сушена, доматите, лукот и кромидот кои воглавно се јадат сирови. И зелката прилично се употребува и тоа во зимата-расол.
Овошјето не се употребува системно ами како-кога и кој има. Се користат плодовите од дивите овошки и тоа во летно време, а за зимата се сушат сливи (ситни, диви) и круши (ситни, диви), а во слама се оставаат лесници (диви јаболкници). Лесниците се колку орев јаболчести плодови и кисели по вкус од кои “отрпнуваат” забите (за ова има и поговорка: малите ги јадат лесниците а на старите им трпнат забите што значи дека малите ќе ги сторат грешките а старите се срамат). Од сувите сливи се вари компот, нарочно во постите, а сувите круши така ги јадат децата.
Слатките во исхраната воопшто не се употребуваат, не земајќи ги во предвид разните видови на бомбони кои им се даваат на децата по одбивањето.
Карактеристично е и тоа што се употребува за јадење варена пченица а не ретко и пченка.
До шест месеци, детето, се капе секој ден наутро. За првите три капења во првиот ден кога малечкото се раѓа, веќе е речено. Наредните капења се исти како третиот пат кога новороденчето се капе во топла вода се сапун. Тука има еден ред при миењето на телото како што е речено порано, само треба да додадеме дека при секое капење прво му се тура вода на грбот, а потоа се мие. Тоа се правело за малечкото да ширело во грбот т.е. да има силно развиени плеќи.
По шестиот месец до навршувањето на една година се капе двапати во неделата, а потоа до навршувањето на третата година се капе еднаш неделно, а потоа на две недели еднаш.
Мајката го капе детето до навршувањето на шестата година. После шестата-седмата година нема редовно капење, ами само мајката му ја мие главата и тоа нередовно. Машките деца преку летото се капат по вировите во реките, а преку зимата скоро и не се капат.
Женските деца поредовно се мијат глава а до пубертетската возраст преку зимата капењето е исто како и кај машките, додека она што важи за машките деца преку летото, за женските деца не важи т.е. тие не се капат по реките.
Во поголемата возраст децата почнуваат да се навикнуваат редовно да си ги мијат рацете пред јадење и по јадење. Карактеристично е во овој крај, што возрасните, а поготово штом има и гостин во куќата, обавезно пред јадење и по јадење си ги мијат рацете. Оваа навика се пренесува и кај децата повеќе спонтано отколку со нарочна заангажираност од возрасните. Возрасните нарочно почнуваат да инсистираат на тоа кага веќе и децата почнуваат да јадат на иста софра со возрасните.
Спрема кажувањата, за оваа корисна навика, може да се заклучи дека миењето на рацете во опишаните случаи не се правело од денешните правила на хигиената, ами од стравопочитание кон лебот. Пред јадење рацете треба да се измијат зашто човекот покрај тоа што фаќал разни нечисти предмети, се чешал по кожата, а исто така можно е да ги фаќал и половите органи, a со такви раце “греовно” е да се фаќа лебот. Од истите причини рацете се мијат и по јадење т.е. после јадењето од лебот остануваат остатоци по рацете, а потоа со таквите раце човекот ќе се чеша, а што е најважно можеби ќе се фаќа за половите органи што не смее да биде.
Порано е речено дека преку зимата децата и не се ни капат како и возрасните. Преку зимата капењето е ретко и тоа се прави обично пред поважните религиозни празници, како што се Св. Јован и Велигден. На тие празници и машките и женските одат в црква, а не смеат да појдат неискапени и непроменети, та затоа пред тие празници оние кои ќе одат в црква обавезно се капат.
До третиот ден новороденчето е повиено само во пелени, а потоа му се облекува кошулче и елече. Само најдолната пелена т.е. која ќе лежи непосредно на телото е од дебело платно, а останатите пелени се волнени, дома исткаени за време на бременоста. Од како малечкото ќе се завитка во пелените тоа се навиткува со волнено јаже кое е наречено повој. Co повојот малечкото се обвиткува и стегнува по должината на целото тело. Повојот ги придржува пелените, зашто тие не се запетлуваат со ништо друго, а другата задача на стегнатиот повој е “да го држи право телото на малечкото за да не се искриват нозете”. Постои верување дека оние деца кај кои се јавуваат деформации во развивањето на коските, настануваат поради неправилно повивање т.е. повојот бил малку или премногу стегнат, а не поради авитаминоза како што тврди медицината.
За да го повие малечкото, мајката седнува на патосот, ги испружува нозете и на нив најпрво го наместува повојот? потоа најгорната пелена па потоа другите, а врз нив го става малечкото и тоа со главата кон стапалата на мајчините нозе, па го завиткува. Кога е веќе повиено, мајката прави “воздушен” крст со раката над самото дете, го фаќа и оптегнува за носе малечкото при што таа прави “цмок” со усните и го фаќа од нозете.
Во текот на деноноќието малечкото се преповива четири пати и тоа наутро кога и ќе го капе, напладне, навечер и околу полноќ (ако плаче).
До третата недела задолжително се завиткани и рацете во пелените. Од третата до шестата недела повремено рачињата му се ослободуваат од пелените, а после шестата недела рачињата ќе му се ослободат од пелените и нема да му се повиваат.
Она што го рековме за завиткувањето на рачињата важи за повеќето фамилии во овој крај кои тоа го прават за малечкото подобро да спиело и да не се драскало по лицето. Но, има фамилии кои воопшто не му ги завиткуваат рацете за да не било детето “пипаво” (слаба спретност на рацете и прстите).
До шестиот месец малечкото се повива и дење и ноќе, а после шестиот месец до годината се повива само ноќе, а потоа воопшто не се повива.
До четвртата година и машките и женските деца носат иста облека: долга аба (волнена поткошула), платнено кошулче и курче (волнено фустанче) сите долги до колена, а за обувки волнени чорапи и опинци од свинска или говедска кожа. На главата носат шамии.
После петтата-шестата година облеката се разликува за машки од онаа за девојчињата. И понатаму се носат аби, но додека кај девојчињата останува долга до колена, кај машките таа е кратка до појас. Исто така и понатаму се носат платнени кошули, но веќе со различен крој за машките и женските и што е позабележително, женските кошули се везени со разнобојни волнени конци. Курчето веќе не се носи и е заменето со “сагија”, а кај машките со курдија (елек). Машките почнуват да носат гаќи, а женските гушале (нарочно шамивче под гушата до појасот). Машките повеќе не дозволуваат да бидат подбрадувани со шамии како девојчињата, ами почнуваат да носат капи. Ист е случајот и со чорапите кој и понатаму и за двата пола остануваат долги до под колена, но се разликуваат по плетката Нарочно се разликуваат чорапите што се носат по празниците и тоа најголема разлика има во бојата на чорапите. Додека машките носат бели волнени чорапи, женските носат обично алови (портокалови) волнени чорапи, а обратно т.е. машките алови а женските бели чорапи никогаш не носат.
Ceгa (по петата година) гардеробата се збогатува и со гунче како за машките така и за женските, само што тие се разликуваат. Можно е возрасните жени некогаш да носат и машка гуна, а машките никогаш не носат женска гуна. Бидејќи машките деца почнуваат да одат и при стоката, a со тоа се изложени на дожд и студ, нивната гардероба се збогатува уште и со сакмиче(слично е на пелерина), кое може да биде волнено или козинаво, а подобро е козинаво. Женските почнуваат да носат и фути а кошулите како што спомнавме веќе се везат со нарочен вез и тоа најпрво “машкото петле” а потоа и други везови. Машките деца кога веќе подрастуваат почнуваат да носат и кемер како и подвески. Исто така во празниците кога времето е топло почнуваат да носат “фустани” (тоа се некакви здолништа).
Ако се случи некое дете и по одреденото време да носи облека од спротивниот пол или да ја задржи детската облека следуваат различни исмејувања од средината. Така на пр. ако некое машко дете носи дел од женската облека му викаат “женски Петко”, а ако некое девојче носи дел од машка облека му викаат “машко рале камаре”. Исто тоа се случува ако детето си игра со деца од спротивниот пол, или си игра со играчки со кои си играат децата од спротивниот пол.
Важно е да се каже тоа дека освен шамиите и капите другата облека ја изработувале дома жените па било тоа да е волнена или памучна облека. Треба да се додаде и тоа дека обувки на децата како и на возрасните им се купувало само за Велигден и тие се чувале за повеќе години да се носат на празниците.
До третата вечер по раѓањето на малечкото леже до мајката како што е порано речено на слам. После третата вечер до шесте недели, малечкото ноќе леже во коритото во кое се капе. Во коритцето малечкото било заштитено од “потиснување” од мајката, а рамната подлога од коритцето овозможува детето да биде право (да не е грбаво). После шестата недела малечкото се зема во заедничката постела ноќе, a преку денот тоа се става во лулка.
Лулката е направена од волнена ткаенина која на краиштата има јажиња со кој се врзува како би виселе, a со тоа е овозможено нишање на малечкото. За врзување на лулката често се праве така наречена магарица. Магарицата се прави од дрво со четири потпирачи две и две заедно поврзани одозгора со појако дрво кое може да ја крепи лулката со тежината на детето. Магарицата е погодна како за дома така и за в поле на работа. Во лулката детето се остава за да може полесно да се ниша а при тоа мајката да работи некоја женска работа како што е плетењето и слично. На средината на лулката има врзано едно јаже коешто затребува се врзува за стапалото на мајката и на тој начин со мало движење на ногата се ниша и лулката без да се прекинува плетењето или слично. За в поле, према кажувањето на жените од овој крај лулката била погодна и за да се намали опасноста од разните животинки кои, ако малечкото е “на земи”, многу повеќе би го напаѓале, како што се мравките и слично, а понекогаш и змии. Во лулката малечкото се остава се додека не стане толку пргаво за да може да испадне од неа
Како што е речено после шестата недела малечкото спие во истата постела во којашто спијат останатите деца, ако ги има, како родителите. Заедничката постела се состои од ругузина (сплетена од ‘ржање), постелена на гола земја, а врз неа се постила покров-постилач. Сите легнуваат на таквата постела a се завиваат со заеднички покривач-покров. Во заедничката постела детето обично спие до пубертетската возраст.
За успивањето на детето како што е речено се користи нишањето, а понекогаш и му се пее: “Ела соне земи куте, занесиго во кочи кај гуциња да ми спие како куте да се гое како гуце”.
Во случаите кога детето не сака да спие, а мајката настојува на тоа, нарочно ноќно време, децата се заплашуваат. Многу често се заплашуваат со мечката. Така им се вели: “лежи и спиј оти ќе те земе мечката”. Друг пат им се вели: “немој да плачеш, ајде спиј, за ке те исфрлам надвор да те изеде мечката”. Исто така децата се заплашуваат со “дерогазецот”. Тоа е некакво замислено чудовиште во вид на мачка со остри канџи.
Многу често децата се заплашуваат и со одредени луѓе кои се познати како збирачи на деца кои децата “ги собираат во големи вреќи и ги варат сапун”. Така на пр. во с. Витолиште познати луѓе од кои децата се плашат се: Шојата и Врвцата а во Полчиште Дедот Дано.
Кај повеќето фамилии нема некое активно навикнување за вршење на нужда, ами децата спонтано, од како ќе подрастат ќе почнат да се контролираат во тој поглед.
Речено е порано дека до петтата година ни машките ни женските деца не носат гаќи та според тоа мајката не е така заактивирана како кога би носеле гаќи. Речено е исто така, дека до годината детето се повива ноќе а тоа е за да не ја извалкаат постелата.
Некои фамилии од шестиот месец почнуваат да го ставаат детето на назете и го нудат да се нужда и спуштајќи звуци кои се карактеристични за напињањето при вршењето на нужда.
Многу тешко си поминуваат децата енуретичари. Тие се застрашувани на различни начини, а често се тепани и принудувани да јадат необични работи. Карактеристичен начин на заплашување е оној кога на детето енуретичар, на главата му се става тенекија, а под него меѓу нозете, му се подметнува запалена метла при што му се вика дека ќе му ги изгорат срамните делови.
На таквите деца им се дава да јадат гол полжав, или ги тераат да лижат сол која е турена на постелата каде што е извршено уринирањето.
Во врска со моторниот развиток карактеристични се некои работи. Моторниот развиток се помага на различни начини. Постои верување дека девојчето не смее да седи до навршувањето на деветтиот месец и затоа девојчињата до тоа време воопшто не се ставаат да седат, а кај децата тоа ограничување не постои и затоа пред деветтиот месец се става да седи, прво со потпирање а потоа и само кога можи.
Познато е дека децата пред да проодат прво се влечат и лазат. Во врска со тоа во овој крај често на децата им се забранува влечењето и лазењети мислејќи дека со тоа ќе се помогне детето порано да прооди.
Штом детето ќе почне само да стои придржувајќи се за некој предмет, се прави стоалка во која детето се пропушта и во неа останува и по неколку часови нарочно кога мајката е зафатена со работа. Стоалката се прави од дрво. Направена е од две широки штици и неколку здружени заедно, така што долу има патос издупчен за да истекува мочката кога детето ќе се помоча, a гope има отвор колку да го фаќа детето така што рацете да му се врз горната штица на која има и заковано нешто за играње.
Кога детето ќе почне да прави обиди за одење, придржувајќи се за предметите, му се прави нарочна количка со три тркала. Двете тркала му се назад, на чија што оска се прави и рачка висока колку да би можело детето со стоење да се придржува на неа, а третото колце е напред поврзано со оската во вид на пирамида Во прво време детето се држи за количката, а возрасните ја движат, за после и само да почне да ја движи.
За да почне само да стое детето често се принудува така што му се намалува прикрепувањето и при тоа му се вели: “самбор, самбор, самбор” или пак: “ајде да стоиш боче”. За да ги направи првите чекори се лаже со разни за него интересни предмети.
Некои нарочни сестематски вежбања за да се овозможи подобро физичко развивање не се применуваат. Единствено во тој поглед се игрите коишто децата ги играат а во прво време често им помагаат возрасните и тоа како потстрекачи и како организатори на игри. Тоа се разбира родителите го прават во помалата возраст додека покасно играат сами децата а и самите ги организираат игрите во што помалите се учат од поголемите деца. За разните игри и играчки ќе зборуваме во продолжение.
Во најраната возраст како кај сите деца се јавува спонтаната игра Како средство за оваа игра освен деловите на своето тело се користат и разни траскалца кои, пошто не можи да ги држи детето добро во своите раце, му се врзуваат за “магарицата” да бидат на дофат на рацете од детето. За траскалца обично се користат куќичките од полжави како и други предмети. Така за ова цел се користат мали лејчиња (црпчиња) на кој што се редат пари. Освен траскалцата за играње почнуваат да се користат и разни други предмети и тоа нарочно покасно. Така на пр. на детето му се дава огледало или некој друг предмет. Исто така како материјал за играње се користат камчиња, песок, кал, парчиња од герамиди, парчиња од стакло, парчиња од порцелан разнобојни крпчиња, ситни.плодови од некои растенија, стапчиња, листови од некои растенија и слично.
Но, освен со овие работи кои не се наменети директно за игра се прават и некои играчки. Така за девојчињата се прават кукли а за машките стрели, пиштоли и пушки, како и коли и санки.
Куклите за девојчињата во помалата возраст се прават од листови од блостур, а потоа од дрво a е облечена во невестинска облека направена од разни крпчиња, а некогаш и од сосема ново платно. Куклата “невеста” често ја носат девојчињата кај возрасните да ги бакнува како тоа што го прават вистинските невести.
Познати се и други игри каде се среќава персонификација и анимизам. Нарочно машките деца кога е добро времето по цел ден “ги јаваат своите коњи” (стапови) и трчаат по улиците. Понекогаш се групираат и повеќе деца со “коњи” и тогаш се здоговараат да бидат сватови и да одат по невеста, што би се сметало како ситуациона игра Во деновите кога надвор не можат да играат, за “коњи” децата ги користат столиците кој во овој крај се погодни зз тоа Столиците често се очекоруваат или пак се влечат или туркаат.
Децата групно често играат имитирајќи разни ситуации и тоа зависно од возрасноста на децата. Така се прават свадби каде има одредено “невеста” и “зет”. При тоа се употребуваат најразлични имитации за вистинските предмети. Се месат погачи од кал, шишињата со ракија можат да бидат претставени од разни стаклени парчиња или дрвца и слично. “Сватовите” накрваат од “шишињата” со ракија “ручаат” и.т.н. Често се имитираат и ситуации од верските празници како она што се работи дома на некои празници, така и ситуациите во црквата Така често ги имитираат возрасните раздавајќи булиња од кал. Неретко децата имитираат вршидба при што неколку од нив се коњи кои трчаат во круг, а едно од нив ги тера, викајќи онака како што викаат возрасните по коњите кога вршат. Исто така градат трла и колиби за овците или само аргачи, а како овци најчесто им служат желадите или кочанките од ченка
Обата пола многу често играат криенка. Таа се игра на тој начин што децата се делат на две групи: едната група замижува а другатасе крие. Откако ова последната група ќе се сокрие некои од членовите на таа група ќе “кукнат” а оние од првата група што мижеле ќе се опулат и ќе почнат да ги бараат скриените според тоа од каде дошол звукот. При тоа доволно е само да бидат видени членовите од скриената група за да се изврши замена т.е. оние што се криеја ќе мижат а тие што мижеа ќе се кријат. Слична е играта каде што машките деца играат ловци и диви свињи.
Женските деца често прават “бебе” од разни предмети кои ги завиткуваат во партали и при тоа имитираат некои ситуации при негувањето на малечките деца, како што е нишање на раце, успивање и сл. Кога ги нишаат своите “бебиња” често им велат “нан, нан”, па потоа можно е бебето да го остават да бебето “спие”. Према забележувањата жените од овој крај често девојчињата разговараат со “бебето” при што го прашуваат да не му студи или да не е болно и сл. Машките деца имитираат и други полесни работи освен вршењето кое беше опишано. Така тие имитираат орање, правење на градина и сл . што веќе се меша во конструктивните игри.
Конструктивните игри спомнавме дека ги има. Така децата редат герамиди една на друга па потоа ставаат дрвца. Се разбира во прво време тоа редење нема некоја смисла , но покасно редењето добива некоја цел: се прави куќа, колиба или сл, Од песокта децата прават мисуриња со помош на вода. Исто така во песокта прават тунели и сл.
За девојчињата речено е дека си играат со кукли. Во прво време куклите им ги прават мајките, а потоа почнуваат и самите да си прават или делимично да ја направат а мајката да ја доправи.
Како материјал за играње на девојчињата, покрај разните листови и крпчиња им служат и разнобојни конци како и каделчиња во бои. Иако машките деца играат со кал, таа им е омилена на девојчињата за месење булиња и сл. како што е порано речено, зашто се знае дека месењето е “женска работа”. За машките пак главно средство за моделовање е умелот и дрвото. Машките деца уште малечки бараат од порано опишаните ножиња и почнуваат да делкаат. Од умелот покушаваат да прават разни предмети. Најчесто прават колца или издлабуваат некакви чинии. Од дрвото исто така прават разни предмети но најчесто од дрво прават кленѕи и пискала (свирчиња). На помалите деца во оваа работа им помагаат возрасните. Co кленѕата се прави и стапче за потоа да се игра натпреварувачката игра “кленѕа”. Играчката кленѕа ја прават машките деца или возрасните а играта “кленѕа” ја играат и машките и девојчињата но многу почесто машките. Исто така од дрво направените пискала (свирчиња) многу почесто ги користат машките зашто ако свиреле девојчињата не им се вапцувало аловото. Пискалата се прават од танки гранчиња од оние дрва коишто имаат многу сок како што е врбата. Од поголеми гранки прават “тутулејки” (труби) тоа на тој начин што спирално изрежаната корупка се одделува од гранката и се навиткува во вид на труба каде што како писка се користе исто така од танко гранче извадено корупче.
Спомнато е дека машките деца употребуваат пиштоли и пушки за играње. Пиштолите се направени од малечко штиче на кое се става и гума која се затегнува со самиот “куршум” кој на едниот крај е вдлабен и со таа вдлабнатина се закачува за задниот дел од пиштолот ако пред тоа ке ја зафате и оптегне гумата. Куршумот се потурнува со задниот прст, обично со палецот и од како ќе се отпуште гумата го исфрлува напред. Пушката се праве од подолга штица и се дава приближна форма на вистинска пушка. Напред е дупката а на таа дупка се става обрачот, кој се прави обично од младо (еласти дрво), а откако ќе се ставе на пушката за двата краишта му се врзува тел кој ќе биде затегнуван и закачуван со нарочна петчашка а потоа се става куршумот одозгора на цевката од пушката Co откачувањето на петлашката се испушта делот и го исфрлува куршумот. Пушката како и пиштолот не е постојана играчка ами се појавува од време на време, а и тогаш пушката ја немаат сите деца, зашто прилично тешка е за правење, па секој родител како и децата не се зафаќа за таа работа. Машките деца исто така прават “врчалки” и си играат со истите. Има два вида врчалки. Едната е мала наострена на двата краја, а на средината има две дупчиња низ кои се пикнува конецот кој со замавнување се осучува и при осучувањето и повторното осучување кое се постигнува со тегнење “врчалката” се врти и дава звук. Другата врчалка не е остра на краиштата и има само една дупка на едниот крај. Се врзува со долг конец и се врти со едната рака, обично при вртењето се чукнува од земјата при првото завртување за да почне да трепери, a со тоа да дава звук.
Има повеќе натпреварувачки игри a се играат на разни начини и се употребуваат различни средства. Така со ситни камчиња се игра “титара”. Ја играат обично двајца . На земјата има истурени камчиња од кој едниот заграбува со едната рака, а потоа со мижење ги фрла нагоре и ги дочекува со спротивната страна на дланката, а потоа пак ги фрла нагоре и ги фаќа повторно во дланката. Истото тоа го праве и другото дете.
Исто така со камчиња но нешто поголеми се игра играта “петкамен”. Навистина се тие пет камења. Едно камче се фрла и фаќа од како другите камчиња се фаќаат од земјата или се потурнуваат на одреден начин, било сите камчиња заедно или едно по едно.
Играта кленца што порано е спомната се игра на тој начин што стапчето се положува преку едно дупче кое е нарочно за таа цел ископано, а едното дете кленцата ја фрла за да го погоди старчето или барем клендата да влезе во дупчето. Ако во тоа се успее тогаш фрла другото дете, ако не погоди, се зема стапчето и се удира по кленцата три пати при што се внимава таа да биде што подалеку отерана од дупчето, зашто потоа со стапчето се мери растојанието до каде скокнала кленцата. Десет стапчиња прават една “крија”, а останатите стапови до десет може да “изгорат”, ако при наредното фрлање биде погодено стапчето, а во противно , се вбројуваат во растојанието кое ќе биде направено од кленцата при наредното удирање од три пати. При ова игра се настојува секој да има помалку “крии”, а оној којшто на крајот ќе биде со повеќе “крии” ке биде победен.
Позната е играта “стојна” при што едно дете држи запетлан ремен на којшто се наоѓаат останатите деца кои сакаат да играат, a организаторот на играта замислува некој збор и го кажува почетниот глас. Останатите деца “годат” кој е тој збор со одредениот почетен глас. Оној што ќе го погоди зборот, го зема ременот и почнува да трча по другите деца кои се разбегуваат. Ако некого стигне од оние што бегаат ќе го удре со ременот . Ги брка се додека организаторот на играта т.е. оној кој го замислил зборот (тој останува на местото) не викна “стојна” при што оние што бегаат сега се стрчуваат кон оној што ги бркаше и ако успеат да го стигнат му го земаат ременот и со истиот го маваат, а тој пак штом ќе го чуе зборот “стојна” веднаш се стрчува кбн организаторот на играта и му го предава ременот.
Машките играат и некој вид гимнастички игри, ако може така да се рече. Таква е на пример”прескакулицата”. Прескакулица играат поголемите деца, па дури и возрасните. Наведнати се редат еден покрај друг, а од едниот крај почнуваат да се прерипуваат. Штом не ќе ги прерипа сите се наведнува да го прерипуваат него другите. Исто така се игра “долга магарица”. Во оваа игра учествуваат две групи од тројца или четворица играчи. Едната група “сечи” (наведнати еден зад друг) a напред има зобник, еден “неутрален” член кој е седнат и го придржува првиот член од оние што “сечат”, а членовите од другата група рипаат еден по еден врз “магарицата” при што се внимава сите да рипнат, a при тоа да не се допираат до земјата со нозете и да не се поместуваат од положбата во која дошле при рипањето. Така седат додека “зобникот” или некој друг (судија) не изброе до единаесет, а потоа пак се повторува истото ако не се “омрсат” (грешат), а во противно групите си ги менуваат улогите.
Машките деца нарочно оние што одат да ја чуваат стоката играат игри со стапови. Таква е играта “ложина”. При оваа игра играчите наседнуваат на некое рамно место и ги “куцаат” своите стапови или прачки. Оној на кого прачката ќе остане најназад, ќе ја положи својата прачка, а другите ќе “куцаат” со своите прачки при што се внимава да биде удрена положената прачка, зашто во противно испаѓа од играта. Од како ќе “искуцаат” сите положената прачка се поместува до местото каде што пошла најоддалечената прачка, но се разбира која удрила во положената прачка. Така прачката се поместува додека не испаднат сите од играта по опишаниот начин. Потоа оној што ја поместуваше прачката ги зема сите прачки и ги откуцува при што внимава барем со една да удри по положената прачка, при што тој се “отсадува”, а почнува да ја положува својата прачка оној со чија прачка последно се “отцадил” преходниот положувач. Ако не се “отцади” со ниедна прачка тој пак продолжува да ја положува својата прачка, ако тоа е на крајот на играта т.е. ако повеќе не се игра оној што не ќе се “отцади” ќе биде исмејуван со тоа што ќе му се вика “неотцадено цадило”.
Исто така игра со стапови што најчесто ја играат овчарчињата е играта “грр чии стап”. Се игра на тој начин што се земаат стаповите од сите овчарчиња а еден легнува ничкум, додека друг ги зема стаповите, еден по еден и го допира на грбот оној што е легнат кој треба да каже чиј е тој стап што кого го допираат. Се додека не го погоди чиј е стапот го допираат до грбот и му викаат “грр чии стап”. Штом ќе го погоди едниот стап му се дава да го стави до него а земаат друг стап и така по ред. Штом ќе погоди чиј е и последниот стап тие што стојат до него се разбегуваат а тој веднаш зема од стаповите и фрла за да удри некого. Оној што ќе биде удрен ќе леже, а ако не биде удрен никој пак ќе леже истиот.
Машките деца често си играат и со разни предмети кои се тркалкаат. Така земаат разни обрачиња и со нарочно свиткан јак тел ги тркалаат по улиците при што се слуша и карактеристичен звук од металните обрачи. Кога се помали, на машките деца им се прават двоколки кои освен оската со двете колца имаат во средина и стапче за туркање на колата. На повозрасните деца им се прават коли со две оски поврзани со штица за седење. Предната оска е подвижна за “управување”. Co овие коли во топлите денови децата се “лозаат” по збрднините (стрмнините). Во зимските денови децата се лизгаат. Оние што се дома се лизгаат по стрмнините на улиците, стоејќи или со санки, а оние што се со стоката се лизгаат со стапови по погодни стрмнини. Стаповите составени меѓу нозете на кои клечејќи се опираат. Снегот на децата често им служи и за моделирање. Така често прават големи котури со тркалкање на малку снег, а прават и “снешко”, се разбира кога снегот е погоден.
И женските деца играат натпреварувачки или други игри освен оние што се досега опишани. Така повозрасните девојчиња многу ја играат играта “куцка”. Таа игра се игра на една нога со скокање на една нога при што се тера со едната нога плоче кое пред тоа се фрла во одредени правоаголници нацртани на земјата. Обично има шест правоаголници. Се внимава при фрлањето на плочето тоа да не падне на линијата што важи и при истерувањето на истото од правоаголниците. Исто така се внимава при скокањето да не биде нагазена линијата. Ако тоа се случи почнува да игра другото девојче.
Женските деца, повеќе од колку машките, ја играат и играта “циу пиле”. При оваа игра “квачката” е напред, а останатите девојчиња-“пилиња” се f^ateHH едно за друго преку половина. Доаѓа “лисицата” и бара од “квачката” едно пиле, пошто оваа не дава, лисицата почнува сама да фаќа од пилињата но мора да го фати последното, така со ред ги зема сите пилиња.
Девојчињата играат и игри при што се пее како што е на играта “ала суси тана”.
Има и други игра кои се играат, но ги спомнав и делимично опишав само оние кои најчесто се играат. При тоа не е запазена некоја строга систематизација ниту за играчките ниту за игрите. Некои игри што се опишани можеби подобро би било да се наречат спортови како што се на пр. некои од игрите кој јас ги вбројувам во групата натпреварувачки игри.
Во врска со игрите важно е да се каже и тоа дека децата во овој крај уште мали се заангажирани да работат така што тие играат како што е речено, чувајќи ја стоката или користејќи го слободното време кое е мало.
Учестоо иа децата во работа. – Речено е порано дека децата уште мали почнуваат да помагаат во работата на своите родители. Така девојчињата се навикнуваат да метат уште мали. Тие се учат да работат и други женски работи. Така околу шестата година почнуваат да се учат да плетат чорапи. Плетењето на чорапи им е главната работа додека не почнат да везат. Везењето е прилично деликатна работа и има девојчиња кои кога ќе одрастат не ќе научат да везат. Везењето почнуваат да го учат околу тринаесетата година. Влачењето и ткаењето го учат нешто покасно односно околу петнаесеттата или шеснаесеттата година.
Девојчињата прв пат замесуваат леб во седмата или деветата година, а редовно месат кога ќе поодрастат што зависи од присутноста на другите женски членови во фамилијата. Така ако таткото е вдовец, женското дете уште мало почнува да ги работи сите женски работи.
Машките деца уште од мали т.е. уште од шестата година почнуваат да помагаат при чувањето на стоката, така да колку се повозрасни толку повеќе се осамосталуваат во таа работа. Прва самостојна работа што почнуваат машките деца да ја работат, а која задава физички напор, е берењето на дрва. Така околу деветата година детето почнува да оди на дрва Обично се собираат повеќе деца, некои поголеми некои помали и заедно одат по дрва во планината
Покасно т.е. околу тринаесеттата година децата почнуваат и да ораат.
Работите коишто ги работат двата пола како што се жнеењето и копањето, децата почнуваат да ги работат околу осмата година. Девојчињата во тоа време задолжително почнуваат да жнеат, а машките можно е да не се научат во раните години да жнеат ако чуваат стока Поради тоа обично машките почнуваат покасно да жнеат. Ист е случајот и со копањето зашто повеќе оваа работа им припаѓа на женскиот пол. Тоа значи дека женските деца како и возрасните жени повеќе се заангажирани во оваа работа, зашто машките ги бркаат оние работи коишто женските не можат да ги обавуваат. Така на пр. орањето, берењето на дрвата и чувањето на стока е исклучиво машка работа во овој крај. Косењето е исто така работа којашто ја обавуваат само машките, а младите се научуваат да косат дури по осумнаесетата година, што не важи за сите зашто има машки коишто воопшто не можат да косат.
За ова воспитание ќе речиме неколку збора и тоа на крај на оваа работа зашто на ова воспитание малку му се обрнува внимание во овој крај. Тоа е разбирливо кога се има во предвид оддалеченоста на овој крај од градските населби, слабите комуникации a со самото тоа и со слабата развиеност на школството. Порано описменувањето на членовите во овој крај било приступачно само за жителите од поголемите села како што е Витолиште и Старавина. И во овие села немало редовно учители така што школувањето било повремено и голем број од жителите останувале неписмени. Co тоа децата не биле во можност да доаѓаат во допир со разни сликовници или друга литература за деца, така што единствен извор на интелектуално воспитание, ако не се земе во предвид доприносот во оваа област на другите видови воспитанија, остануваат усните преданија како што се разните песнички и приказни. Познато е дека децата појавуваат посебен интерес кон ваквите творби во одредена возраст. Затоа обично бабите кои не се зафатени со друга работа им кажуваат разни приказни на децата со тешко сфатлива содржина, а многу почесто со таква содржина во која што се зборува за разни страшила како што се вампири и сл. Уште додека се мали децата возрасните ги фаќаат за двете раце ги нишаат и при тоа зборуваат: “кац бабо кац си напрела баба две вретена, си ги клала на бочвето, дошло jape покакало, помочало, кец пустињо, кец, кец, кец”. Исто така позната е и приказната која се прикажува на следниот начин: “Снце, б’нце богово јајце. Каде јајцето? во огнот. Каде огнот?-го изгаснаа жабите. Кај се жабите?-во вирот. Кај е вирот?-го исплискаа момите, и.т.н. Позната е и песничката којашто често им се кажува на малите деца “цуцул пасе говеда, покрај река ситница, поминала лисица, добро утро Цуцуле, дај бог добро лисицо” и.т.н.
За да се умират децата често им се пее заправо кажува песничката, која е некоја врста запотнување “чук, чук лобода, падна тесла од бога, удри баба по нога, м’четеми дечиња, м’четеми синчиња таткови е напазар, ке ви купе два меа” и.т.н.
Често на децата им се кажуваат разни гатанки се разбира на повозрасните. Како што е на пример: “Виси, висуле, крти кртуле, падна висуле го зеде кртуле” (круша и свиња), “Еже тутунеже во девет кожи леже” (кромид), “Рикна вол во темен дол, чуја лисиците и напрчија пашките” (гајдата и момите), “Висок Тодор без коски” (чадот),.
Можеби на ова место треба да се спомене како се објаснуваат некои појави. Во овој поглед децата скоро секогаш се обмануваат т.е. не им се кажува вистината на достапен, за нив начин. Така на пр: новороденчињата “се купени од ѓупците со трици”. Слична е работата и со другите појави од секојдневниот живот како и други појави кој што и на возрасните не им се доволно јасни и по преданија се објаснуваат на мистичен начин.
Co ова не се исцрпува областа на интелектуалното воспитание на децата во овој крај, зашто за одредени работи како што се на пример приказните или гатанките може да се обработува посебна тема. Тоа всушност важи и за останатите области зафатени во оваа семинарска работа.
Напишаното всушност претставува еден информативен материјал којшто е изнесен без некои строго одредени принципи а исто така не се изведени некои значајни заклучоци. Во оваа семинарска работа зафатено е она што по мое мислење е типично за негата и воспитувањето на децата во Мориово. Земената тема гласеше: “Подизање деце у неким нашим краевима”. Јас го одбрав крајот Мариово зашто во тој крај сум роден и се што е речено претставува вистина дознаена од разговор со постари жени од овој крај како што е Мидовска Атанаса, и Дарковска Јованка а и од лично искуство.
Изнесеното во оваа работа важи во повеќето случаи во времето до Народноослободителната борба зашто после тоа условите за живот се прилично изменети а тоа допринесува да се измени се разбира не целосно, но постепено начинот на негувањето и воспитувањето на децата во овој крај.
Во изнесеното можеби повеќе се изнесени етнолошки работи од колку психолошки, но по мое мислење изнесеното некаде деректно некаде индиректно допринесува за резвитокот на личноста што претставува област за психолошки испитување, анализи и заклучоци. Тоа е посебно значајно за компаративни студии како би имало значење и за медицината (епидемиологијата) и за социјалната патологија
Bowlby,J. Maternal care and mental Mealth, Женева; Светска здравствена организација 1952
Педијатрија – Душко Мардешиќ и сурадници Школска книга Загреб 1986
Психоаналитичка теорија неурозе
– Otto Fenichel – Медицинска книга Београд Загреб/1961
„ ТРАДИЦИОНАЛНОТО ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА ВО МОРИОВО“
Автор: Стојан Дарковски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г



