Црквата „Св. Никола“ во село Будимирци е изградена во периодот од 1875 до 1878 година. Во текот на своето постоење, таа неколкупати била обновувана и поправана. За време на Првата светска војна претрпела значителни оштетувања поради непосредната близина до фронтовата линија.
Во 2003 година биле извршени дополнителни градежни зафати, како и обновување и дополнување на црковниот инвентар.
Особено внимание привлекува богатиот фрескоживопис во внатрешноста на храмот. Иконите, иконостасот и живописот биле изработени во приближно ист временски период. На една од иконите е забележана годината 1885, како и иницијалите Д. А. З., кои му припаѓаат на зографот Димитрие Андонов Зограф од селото Магарево, битолско. Тој е еден од најзначајните мајстори заслужни за украсувањето на голем број преродбенски цркви.
Живописот во црквата е зачуван во својата изворна форма и потекнува од 1888 година. Натписите покрај сцените се испишани на словенски јазик. Поради просторноста на храмот, распоредот на живописот е изведен на класичен начин, карактеристичен за црковното сликарство од XIX век.
Во непосредна близина на црквата се наоѓаат селските гробишта. Покрај гробовите на локалното население, таму се погребани и српски и руски војници загинати за време на Првата светска војна.
Селска слава во Будимирци е Петковден (27 октомври), празник посветен на поранешната црква „Св. преподобна Параскева“.






