Св. Никола, с. Градешница

Изградена во 1862 година, оваа црква е дел од голем период на духовен и културен подем во Македонија, познат како Преродба. Во тоа време, откако Османлиската империја им дава поголеми права на христијаните, насекаде низ империјата почнуваат да никнуваат нови, поголеми и поубави цркви.

Градешница не заостанува – мештаните подигнуваат импозантен храм, граден од камен и варов малтер, долг речиси 19 метри.

Дваесетина години по изградбата, ѕидовите на црквата се исполнуваат со живопис. Се верува дека мајсторството му припаѓа на браќата Јосиф и Јаков Радевич, зографи од селото Лазарополе, следбеници на познатото семејство на Дичо Зограф.
Внатрешноста на црквата е поделена на три брода, со величествени колонади од камени столбови. Таванот е обоен во светло сина боја, украсен со златни ѕвезди, како вистинско небо над главите на верниците, а во центарот е насликан Исус Христос.
На јужниот ѕид, над влезот, е насликан свети Никола Чудотворец, патронот на црквата. На западната страна стои свети Атанасие – можеби патрон на уште постара црква, чии темели можеби лежат под оваа.

Но вистинското богатство на оваа црква е насликано на северниот ѕид. Таму, во архијерејски облеки, стојат светите Кирил и Методиј – Солунските браќа, творци на словенската писменост. Кирил држи отворено Евангелие со словенски букви, Методиј – крст и свиток со азбуката. Над нив, самиот Христос ги благословува. Оваа сцена е една од ретките каде што двајцата просветители се насликани заедно, потсетник за важноста на писменоста и верата за целиот македонски народ.
Низ целата црква се редат светци, воини и маченици – свети Ѓорѓија на бел коњ, свети Димитрие, Архангелите Михаил и Гаврил, и многу други, секој со своја приказна, насликана со топли бои и внимание на деталите.
Во олтарниот простор, Богородица го прегрнува малиот Христос, а натписот над неа сведочи – живописот бил завршен во 1889 година.
Историјата на црквата не била лесна. За време на Првата светска војна, храмот претрпел големи разрушувања, но луѓето од Градешница не се предале – ја обновиле архитектурата во 1923, а живописот во 1927 година.
Долги години потоа, од своето место во центарот на селото, црквата тивко ги следела сите значајни моменти и радости на Градешница. Но со незапирливото раселување на селото, сè поретко се слуша ѕвукот на нејзината камбана.
Сепак, денес црквата Свети Никола сè уште стои гордо во центарот на Градешница – сведоштво за верата, уметноста и упорноста на луѓето од Мариово. Таа не е само место за молитва, туку и жива книга на историјата, каде камен, боја и вера се сплотени во едно.