Манастирот „Св. Илија“, сместен во месноста Брен, во близина на селото Градешница, е познат по студената вода од бренското чешмиче. Според локалната легенда, водата преку посебен подземен систем се носела до тврдината Пешта.
Меѓу локалното население постои интересно верување дека водата од Брен никогаш не се носи дома. Секој може да се напие од изворот и да понесе вода доколку тргнал по некоја работа во планината, но ретко ќе сретнете некој од мештаните да полни вода за домашна употреба.
Секоја година, на 1 август, манастирот го посетуваат голем број гости, а прославата продолжува и вечерта, како и наредниот ден, во селото. Интересно е што манастирот го посетуваат луѓе од сите села во Мариово, но и иселеници од Градешница, раселени низ целиот свет, кои својата посета на Македонија често ја планираат токму во овој период.





