Итар Пејо и селаните риболовци – хумор од Мариово

Тргнале еден ден неколку селани Мариовци да одат на Црна да ловат риби. Ловеле што ловеле, си кинисале да си одат дома. И таман на неколку чекори од реката некој привикал:-

Mope, селани, ние ловевме риби, се буткавме по површината на водата, ама којзнае дали не се удави некој од нас.

He правиме лошо да се преброиме.

Го одобриле сите предлогот и застанале, а прелагачот почнал да брои.

Еден, два, три, четири… дотерал до осум.

– Ами чаре – извикал тој.

– Ние тргнавме девет, a се враќаме осуммина.

Значи еден од нас се удавил! – констатирал бројачот.

Почнале сите да бројат – осум па осум.

Ниеден од нив сам не се броел.

И си тргнале кон селото, и си заплакале.

Еден се удавил денеска во Црна, ама кој е ни самите не знаат.

Оделе што пооделе, ги сретнал Пејо и ги видел уплакани. па ги прашал:

– Што сте така уплакани, бре, кршоборци? Овие му раскажале дека еден се удавил денес-ка, но не знаат кој е.

Пејо ги прашал колкумина тргнале утрината и веднаш ја разбрал работата, но решил да ги насамари за нивната глупост, па им рекол:

– Лесно ќе провериме, џанам.

Ајде легнете тука на песокот и забодете ги носевите во него.

Колку дупки ќе направите – толкумина сте живи.

Легнале селаните, ги заболе носевите во жешкиот песок и направиле по една дупка.

Кога станале, почнал Пејо да ги брои – излегле девет!

Се израдувале селаните зашто никој не се удавил и му дале на Пеја од рибите да му ја платат мудрата постапка што открил дека се нема удавено ниеден од нив.

Извадок од: Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980