Извадок од публикацијата: Д-р РИСТО ПОПЛАЗАРОВ | ГРЧКАТА ПОЛИТИКА СПРЕМА МАКЕДОНИЈА BO ВТОРАТА П0Л0ВИНА HA XIX И П0ЧЕТ0К0Т HA XX ВЕК | СКОПЈЕ | 1973 | ИНСТИТУТ 3A НАЦИОНАЛНА ИСТОРИJA
Мариовско, со својата заостанатост, со своите шуми и планини, претставуваше погоден терен за големогрчката вооружена пропаганда. Грчката пропаганда во Мариовско беше загнездена од порано. Во есента на 1904 година таа ја засили својата активност и во оваа област, каде што имаше свои луѓе и агенти во неколку села. До септември 1904 година со грчката пропаганда во мариовските села раководеше Теодорос Модис од Битола, кој како трговец со дрва познавал повеќе селани од Мариово. Тој успеа да придобие и еден четник на ајдучкиот војвода дедо Коле од Добровени, Андон Зои. Зои успеа да придобие повеќе луѓе, кои ги познаваше од порано и со нивна помош дејствуваше и се криеше се до доаѓањето на андартските чети испратени од Грција. (115 * Modis, с. d., ѕ. 252 и др.)
Кон крајот на април, или во почетокот на мај 1905 година, во Мариово стигна првата андартска чета, испратена од Грција. Тоа беше четата на подофицерот Христо Цолакоглу — Ребелјос, составена од околу 40 андарти од разбиената андартска чета на капетанот Каломенопулос кај Белкамен во април. Подвојвода на Ребелјос му беше подофицерот Панајотис Фјотакис, кој не се трпеше со Ребелјос. Затоа меѓу андартите имаше големи караници и постоеше опасност меѓусебно да се испотепаат. Некои од нив сакаа да бегаат во Грција, а други сакаа да им се предадат на турските власти. Во јуни меѓусебните караници уште повеќе се изострија и сите сакаа да им се предадат на турските власти. Капетан Ребелјос бараше од Цонтос-Вардас да испрати некоја поголема андартска чета за да ја спаси ситуацијата.(*116 – Modis, с. d., ѕ. 96—97, писмо од 24. V. и 6. VI. 1905.)
На крајот, караниците завршија со одделување на Панајотис Фјотакис, кој со неколку андарти формира посебна чета. Главно гнездо на споменатите андартски чети им беше селото Градешница. Оттука тие вршеа напади по селата во Мариово и Прилепско. Се тврди дека тие стигнале до селото Мрежичко и дека грчката и српската пропаганда се труделе да постигнат соработка меѓу нивните чети во Прилепско.117
(*117 – Во едно упатство на бугарската влада се докажува дека постоел грчко – српски договор за соработка, па затоа грчките чети не минувале северно од границата на Битолската каза. Таква граница имало и во Скопскиот санџак. Границите биле точно одредени, a српските и грчките чети не ги минувале. AM, ф. КСП — Ландон, 1907 г., МИД, ПО, ПП бр. 2054. извештај од Софија, Строго пов. бр. 204 од 3. V. 1907 г.)
Во летото и есента на 1905 година, андартските чети нападнаа и опустошија повеќе села во Мариово и Прилепско. Во селото Брник, Прилепска каза, тие заклаа пет селани, изгореа неколку куќи и уништија се што најдоа во црквата. Слични злодела андартите извршија во Будимирци, Груништа, Бзовик и во други села. Четата на Ребелјос го изгоре селото Путурос и Црници, Прилепско. Овие и другите грчки чети ги принудуваа селата да и се потчинат на Патријаршијата. Силите на Организацијата се спротивставуваа на тоа. Селската милиција и четите на Димко Могилчето, Трајко Кралот, Јон Пашата, Петар Железаров, а особено четата на Крсто Гермов — Шакир, водеа повеќе борби против големогрчката вооружена пропаганда и постигнаа значајни резултати. Тие, на пример, во летото на 1905 година изгонија една андартска чета од реонот на селата нарачени „Прекурид” (Тројаци), Прилепско и ликвидираа повеќе четници на една андартска чета што ја организирало од мештани — мариовчани андартското раководство во Битола. *118
*118 – К. Гермов, Спомени 36—38. (Ракопис во ИНИ).
Во летото на 1905 година имаше неколку судири меѓу андартските чети на Организацијата. Еден од нив беше и судирот меѓу четата на Гого Ацев и Панајотис Фјотаксис. Гого Ацев, со околу 13 четници, ги нападна и ги победи андартите на Панајотис кај селото Гнилеж, на завојот на река Црна. Загинаа повеќе андарти, а четата на Панајотис потоа постепено се распадна. Во есента на 1905 година Панајотис, Ребелјос и Антон Зои беа принудени да го напуштат Мариово и да избегаат во Грција. Наместо нив беа испратени во Мариово и Прилепско нови андартски чети, раководени од Критјанинот Георги Скалидис, пешадискиот подофицер Маринос Либеропулос — Кромбас, Евангелос Николудис, Манолис Кацигарис и други. Речиси сите андартски чети испратени во Мариово и Прилепско не можеа да дејствуваат повеќе од 3—4 месеци. Некои се распаѓаа поради отпорот на селаните и четите на Организацијата, a други беа разбиени од турски потерни единици, командувани од амбициозни офицери, кои самоиницијативно, без оглед на директивите на повисоката команда, доследно ги гонеа и андартските чети.
Кон крајот на 1905 година, агентите на грчката пропаганда во Мариово почнаа се почесто да ги предаваат четите и луѓето на Организацијата. Во ноември тие ја предадоа четата на Гермов — Шакир во село Бзовик, а потоа и едно советување на неколку војводи на Организацијата, кои се договараа за заедничка борба против андартството. Во двата случаи организационите сили водеа борба со турски потери, кои во с. Бзовик имаа значајни загуби. Во нив загинаа четворица четници, а другите се спасија. Во с. Бзовик имаше и месна андартска група. 119
(* 119 Гермов, Спомени, 42—43.)
Во 1906 година грчката вооружена пропаганда во Мариово беше доста силна. Како што рековме, тука беа испратени повеќе андартски чети. Меѓу оние што извршија поголеми злосторства беа и четите на Критјаните Г. Скалидис и Е. Николудис, составени од по десетина души — речиси сите Критјани. Овие војводи, како и други во извршувањето на разни напади повеќе пати ангажираа и месни агенти на грчката пропаганда. Двете споменати чети во Мариово стигнаа во ноември 1905 година и, криејќи се во Градешница, почнаа да ги напаѓаат селата. Во јануари 1906 година го изгореа селото Ивени и заклаа 13 мажи и 3 жени. Во септември двапати го нападна селото Живово, изгореа вкупно 29 куќи и убија првиот пат 20, а вториот 18 души. *120
(* 120 Силјанов, ц. д., т. II, стр. 224. AM, фонд КСП — Лондон, 1906 г., ПП бр. 792. Македоно-Одрински преглед, 1906/1, бр. 23, стр. 368.)
Овие масовни колежи предизвикаа големи протести. Грчката влада уште повеќе се компромитира, така што андартското раководство на грчкиот конзулат во Битола беше принудено извесно време да се „откаже” од овие „недисциплинирани” војводи. Тоа бараше да се повлечат овие чети во Грција, но нивните војводи не ги слушаа. Тие и другите анадартски војводи продолжиле да вршат разни поголеми и помали терористички акции.
Тогаш Внатрешната организација против андартството презеде мерки, така што нејзините вооружени сили убија повеќе негови агенти во Мариово и Прилепско. Окружниот комитет во Битола и Комитетот на Организацијата во Прилеп решија против андартите во Мариово да ги испратат четите на окружниот битолски војвода Ѓорѓи Сугарев, на демирхисарскиот војвода Алексо Стефанов и на прилепско – мариовскиот војвода Крсто Гермов — Шакир.
Четите на Организацијата беа засилени со селска милиција. По наредба на Комитетот во Прилеп, Крсто Гермов тргна за Мариово. Исто така кон Мариово тргна и Горѓи Сугарев, кој требаше да раководи со сите чети на Организацијата. Меѓутоа, турските власти дознаа за овие подготвувани акции против андартите и испратија во Мариово силни потери, Прилепчани дознаа за турските мерки и навреме го известија Гермова и Окружниот комитет во Битола, во кој тогаш членуваше и П. Лигушев. Комитетот не го извести Сугарева за турските мерки, а Лигушев изврши предавство, така што во април 1906 година во селото Паралово, Битолско, Сугарев беше опколен со својата чета, составена од 24 души. По петчасовна нерамна борба Сугарев и неговите соборци храбро загинаа, борејќи се против надмоќниот непријател. „Ѓорѓи Сугарев е жртва на предавство од Битола, тој беше предаден од оние што требаше да го чуваат”, т.е. од Петар Лигушев и други, кои постепено станаа органи на врховизмот.121
(*121 – Т. Адамов, Разбивањето на Георги Сугаревата чета, Сборник „Илинден”, 1903—1924, стр. 27. Адамов, Сражението в с. Паралово, Мориховско, Ил. Илинден, 1921, кн. 1, стр. 11 и др. А. Соник-сен, ц. д., стр. 97.)
Убиството на Сугарев и неговите четници беше голем удар за вооружени сили на Организацијата во Битолскиот револуционерен округ, но тој не беше единствен.
Во 1906 година агентите на грчката пропаганда извршија повеќе предавства и така на силите на Организацијата им беа нанесени доста загуби. Во почетокот на 1906 година поради нивно и врховистичко предавство, турската војска во село Путурос, Мариовско, ја уништи четата на Пецо Лисолајчето. Загинаа 11 четници. Истовремено се засили и дејноста на андартските чети, кои стигнаа од Грција. Co повеќе убиства и со други терористички акции андартите во 1906 година потчинија на Патријаршијата неколку мариовски села. Така тие „ . . . бавно, но сигурно, освојуваа позиции”. Тоа беше резултат и на тоа што Битолскиот окружен комитет на Организацијата, во кој се наоѓаа врховистички агенти, ја занемари работата. Без оглед на тоа, четите на Организацијата од теренот ја продолжија борбата против андартските чети. Во летото на 1906 година мариовската чета на Гермов — Шакир нападна една голема андартска чета до селото Полчишта. Истата чета, заедно со четата на Трајко Кралот, се судри со андартите во село Петалиново, кое беше една од главните андартски бази во Мариово. Покрај тоа, во првата половина на 1906 година андартските чети во Мариово беа во офанзива и имаа постигнато извесни успеси.
Организационите војводи од теренот, за да му турат крај на андартското продирање, на планината „Караџица”, близу Кајмакчалан, свикаа едно советување на кое учествуваа војводите: Димко Могилчето, Јон Пашата, Трајко Кралот, Крсто Гермов — Шакир, Алексо Демирхисарски, Тане Грозни, Ѕоле Стојчев, Леко Џорлев, Крсто Љондев, Наце од Солунско и Кара Ташо од Воденско. Заедно со војводите беа и нивните чети и селската милиција од повеќе села, вкупно околу 2.000 души. Состанокот се одржа во „Пармаковите колиби”. Таму беше решено леринските и воденските чети да ја ликвидираат андартската база Градешница, а четите на Љондев и Џорлев „Влашките колиби” и мандрата „Султанијани”, кои исто така беа андартски врталишта. Четите на Гермов — Шакир, Трајко Кралот, Димко Могилчето, Јон Пашата и Алексо Демирхисарски добија задача да ја ликвидираат андартската база во село Петалиново. Против андартските акции беа извршени истовремено и успешно завршија на 25 јуни 1906 година. Андартските чети не дадоа речиси никаков отпор и се повлекоа за извесно време од овие области. Некои од нив се префрлија во Мегленско, каде што создадоа нови бази. Во текот на изведувањето на овие акции и во врска со наредбите на Окружниот комитет на Организацијата во Битола, се јавија извесни противречности. Окружниот комитет бараше патријаршистите да се претвораат во егзархисти, да се третираат како непријатели и сл. Крсто Љондев, Шакир и други војводи, кои стоеја на принципите на Делчева, не се согласуваа со тоа и истакнуваа дека борбата треба да се води за урнување на турската тиранија, а не за некакви верски и туѓи на македонскиот народ интереси. Овие војводи не ги трпеше Битолскиот окружен комитет, во кој тогаш членуваа некои врховистички агенти и беа прогонувани, па затоа не можеа да ги спроведат своите правилни сфаќања во пошироки рамки. Поради тоа, во текот на наведените акции, извесен број патријаршисти настрадаа од некои чети на Организацијата и станаа нејзини непријатели; тие станаа андарти и шпиони и ги зачестија предавствата од кои настрадаа неколку стотици луѓе, кои беа затворени и малтретирани. * 122
(*122 – Гермов, Спомени, стг. 46, 49, 56. Сравни и Г. Тодоровски, Ш, Д, с, 219.)
Во 1906 година андартските чети претрпеа сериозни порази. Четата на Николудис во мај 1906 година беше разбиена од турската војска. Николудис загина со 12 свои четници. Андартската чета на Скалидис, кој се смири со андартското раководство во Битола, беше опколена и ликвидирана во јули 1906 година кај реката Црна, близу селото Брод. Скалидис, десет андарти — негови соселани од Крит и седум андарти од Градешница — беа убиени. *123
(* 123 – Makedonikon Imerologion, Atine 1909/11, ѕ. 245.)
Оваа чета беше уништена од потерните единици на Енвер-паша. Овие случаи покажуваат дека турските власти, кога сакаа можеа да ги разбијат и изгонат четите на пропагандите. Но тие нив, а особено четите на грчката пропаганда, ги толерираа. Од друга страна, точно е дека грчките чети во судирите со турската војска имаа доста големи загуби и многу од нив беа разбиени, но не поради желбата и заслугата на турските власти, туку поради настојувањето и по заслуга на одделни турски офицери, како Енвер-паша, поради стравот на андартите од Турците, и од други причини.
По разбивањето на споменатите андартски чети, андартското раководство испрати во Мариово нови чети. Грчката пропаганда настојуваше Мариово да не остане без андартски чети, зашто тоа и соседните области спаѓаа во спорната зона на грчко – српските планови за поделба на Македонија. Спрема нив аспирираа сите три соседни балкански монархии. Во 1906 година во Мариово и соседните области дејствуваа андартските чети на Манолис Кацигарис и Костас Гарефис. Во Мариово тие навлегоа не преку Костурско, Леринско и Битолско, туку по Караџова, каде што селото Баово со околината им служеше како едно од најважните андартски врталишта. Тука, уште од крајот на 1904 година, на грчката пропаганда и служеше месната чета на Чочо Весков од Баровица, составена од шестмина негови роднини, кои пред тоа соработуваа со Внатрешната организација, но кога врховистите и некои организациони војводи ги принудуваа патријаршистите да станат егзархисти, тие минаа на страната на андартството и заедно со грчките чети учествуваа во повеќе нивни акции во Караџова и Мариово.
Во пролетта на 1906 година, преку Костурско и Леринско, во Мариово беше испратена грчката чета на Критјанинот Георгиос Воланис, која во еден судир меѓу Сребрено и Елеово, пред да стигне во Мариово, претрпе голем пораз. Од 40 души загинаа 20. Воланис ја употреби Градешница како свое главно врталиште и во селата изврши повеќе терористички акции. Тоа го правеше по директиви на андартското раководство на грчкиот конзулат во Битола, кое од грчките војводи бараше да вршат помали терористички акции за да не предизвикуваат протести на јавноста. Една таква акција Воланис изврши во селото Добромир, каде што уби петмина селани. Исто така и оваа грчка чета беше прогонувана од потерите на Енвер и имаше судири со четите на Организацијата, но таа сепак успеа да се задржи до февруари 1907 година, кога Воланис избега во Грција. Пред тоа, кон крајот на октомври 1906 година, во селото Полчишта таа беше нападната од една организациона чета, но успеа да се извлече без сериозни загуби.
Од ноември истата година Воланис дејствуваше во соработка со капетанот Врондас. Четата на подофицерот Василис Папа — Врондас беше доста голема и имаше три групи, раководени од подвојводите Пихјон, Антон Зои и Георгиос Кондилис. И оваа чета имаше 2—3 судири со потерите на Енвер-паша, но водена од Антон Зои, кој добро ги познаваше овие места, успеа да се задржи повеќе време. По заслуга на Зои во декември 1906 година четите на Воланис и Врондас, околу 60 души, се префрлија во колибите над селото Баово, каде што ги прифати Чочо Весков. Тука тие се криеја околу два месеца, потоа пак се вратија (во февруари 1907 година) во Мариово и продолжија да вршат терористички акции. Уште во Баово меѓу четниците на Врондас настана расцеп. 17 негови четници се одделија од него и формираа посебна чета, на чело со бившиот андартски војвода Панајотис Фјотакис од Крит. Извесно време Фјотакис дејствуваше во Мариово, но еден ден беше опколен во Параловскиот манастир од потерите на Енверпаша и заедно со осум андарти загинаа. По заминувањето на Воланис за Грција, некој Брајани од Живово и некој Цицо од Бешишта, со неколку свои луѓе, се присоединија кон четата на Вродас. Во таков состав четата на Врондас дејствуваше во Мариово до август 1907 година, кога тој избега во Грција, а неговата чета практично се распадна. Некои го напуштија, други загинаа, трети избегаа со него итн. Антон Зои остана со новодојдената чета на подофицерот Папавгерсу — Гкурас се до јануари 1908 го-дина, кога избега во Атина.

Во есента на 1907 година во Мариово дејствува андартските чети на Маноли Кацигарис од Крит на Пердикас — Неранзас од Сачишта, на Стефо Глигориу од Битола, на Иоанис Евангелопулос и други. До есента на 1907 година Стефо дејствуваше по селата на Билишта, а потоа се врати во Атина. Бидејќи грчката пропаганда не можеше да најде попогодни луѓе за андартски војводи, формира една андартска чета под војводството на Стефо. Во неа се наоѓаа со своите луѓе Брајани од Живово и Цицо од Бешишта, кои во август 1907 година, како четници на Врондас, избегаа во Грција. Четата на Стефо дојде во Мариово преку Олимп, Негуш и селата Нисја и Ослево — Воденско. Таа дејствуваше по селата околу Бешишта и се обидуваше, со помошта на Цицо и неговите роднини, да ги потчини оние села што даваа отпор на грчката пропаганда. Во декември четата на Стефо изврши една терористичка акција во селото Живово, каде што пред една година истото го стори и четата на Воланис. Потоа, во шумата крај тоа село, една чета на Организацијата, составена од 13 четници, имаше судир со четата на Стефо и со турската војска. Се тврди дека во овој судир загинал организациониот војвода *124. Во борбата со четата на Организацијата убиен еден, a се ранети четири андарти.
(* 124 – Modis, с. d., ѕ. 231.)
Во почетокот на јануари 1908 година во шумата кај Полчишта андартските чети на Стефо и Пердикас се судрија со една чета на Организацијата. По појавувањето на турската војска, судирот беше прекратен. Еден месец потоа андартските чети на Стефо, Манолис Кацигарис, Пердикас и Панајотис Геројанис беа нападнати од турската војска во селото Бешишта и, без да дадат сериозен отпор, се разбегаа на сите страни, оставајќи неколку жртви на местото. Потоа, четата на Стефо, не можејќи повеќе да издржи на овој терен, се префрли во Градешница, каде што грчката пропаганда имаше вооружено над 25 селани и имаше повеќе од 20 подземни скривници. Тука се криеше и дејствуваше се до Младотурската револуција.
Тогаш, во пролетта на 1908 година, се распадна и четата на Манолис Кацигарис, која, движејќи се често околу Баово, вршеше напади и во Мариово. Кацигарис, откако остана само со неколку андарти, тргна да бега во Грција, но кај селото Палатица — Берско е убиен од еден стар андартин, со кого беше скаран. Во април 1908 година, андартското раководство ја испрати во Мариово четата на капетанот Г. Воланис, кој и порано дејствуваше во Битолскиот вилает со чета. Четата на Воланис, која имаше 40 души, изврши повеќе терористички акции и имаше судири со четите на Организацијата. Така, на пример, во манастирот „Свети Атанас”, на Кајмакчалан, таа имаше судир со четата на Ѕоле Стојчев. Во предвечерието на Младотурската револуција имаше уште еден судир со една чета на Организацијата во местото Узун-агач, близу Чеган — Воденско.
По објавувањето на Младотурската револуција, младотурските офицери од Битола ги повикаа андартските чети да ги прекинат непријателските акции, да слезат во Битола и да заминат во Грција. По директивите на грчкиот конзулат во Битола, андартските чети на Г. Воланис, И. Каравитис и Цицос, кои дотогаш дејствуваа во Мариово и четата на Макрис, се собраа во Магарево. Тука андартските војводи се договорија со младотурските власти да слезат со своите вооружени чети во Битола. На 25 јули 1908 година (по старо) се оствари договореното. Споменатите четири андартски чети, на чело со своите војводи, придружени од младотурски офицери и десет патријаршиски попови, слегоа во градот. Грчките чети во Битола останаа неколку дена. Тие „со својот однос — пишува српскиот конзул во Битола — оставија лош впечаток кај сериозните луѓе, а особено кај Турците. Покрај тоа што влегоа во градот повеќе разметливо и комично отколку скромно и сериозно, останаа разметливи и несериозни и за време на својот престој во градот. Тие беа единствена ненормалност во Битола”. 125
По тридневен престој во градот, четирите грчки чети, со сето свое вооружување, заминаа за Грција. За извесно време положбата во Македонија се смири, но тоа не траеше долго време, зашто грчката и другите пропаганди пак ги обновија вооружените акции, бидејќи гледаа дека ги губат своите позиции создадени со поткуп и терор.



