Чебрен – манастирски комплекс во Мариово

Во минатото, манастирскиот комплекс Чебрен бил еден од најбогатите и најпознатите духовни центри во Мариово, но и пошироко. Неговата поволна стратешка положба, како и историските околности во Мариово, придонеле манастирот со текот на времето да стекне значајна духовна и материјална моќ. Особено значајно е што, за време на османлиското владеење, населението во Мариово не било исламизирано, што создало услови христијанските светилишта и традиции во регионот да се одржат и развиваат.

chebren mariovo 02

Скица со реконструкција на изглед на средновековниот град Чемрен со обѕидието зајакнато со неколкуте кули.

chebren mariovo 02 01

Карта од 1890 г со Манастир Чебрен и некои од поважните патишта во тоа време

За некогашното значење и богатство на манастирот сведочат и остатоците од стариот манастир „Св. Димитрија“, кој според преданијата и пишаните податоци потекнува од XV век. Стариот објект имал импресивни димензии, а денес од него е зачуван олтарниот дел, кој е вграден во новиот објект. Овие остатоци претставуваат вредно сведоштво за долгата историја на манастирот и неговата важност во духовниот живот на Мариово.

Манастирот некогаш располагал со значителен имот и стопански капацитети. Во негова сопственост биле воденици со дури 12 воденички камења, голем број стока, ниви, ливади, како и пространи површини со шуми и пасишта. Таквиот имот му овозможувал на манастирот да биде самостоен и да има значајна улога во економскиот и општествениот живот на мариовските села.

Посебно место во историјата на Чебрен зазема и неговата просветна дејност. Според пишаните документи, во XIX век во манастирот постоело ќелијно училиште на старословенски јазик. Во него се образувале свештеници и учители кои потоа своето знаење го пренесувале во другите мариовски села. На тој начин, Чебрен не бил само духовно и стопанско средиште, туку и значаен просветен центар, кој придонесувал за зачувување на писменоста, верата и културната традиција во Мариово.

chebren mariovo 03

Остатоци од мостот на Црна Река во близина на манастирот

chebren mariovo 04

Камени скали до утврдувањето на ридот.

chebren mariovo 05

chebren mariovo 06

Остатоци од Св.Димитриј пред реконструкцијата. Фотографии од 1980 г

chebren mariovo 07

Влез во манастирот

chebren mariovo 08

Св. Димитриј

Во близина се наоѓа и црквата Св. Спас, помала црква позната по своите фрески кои датираат од XVI век.

chebren mariovo 09

Св. Спас

Како до Чебрен

Комплексот Чебрен е лоциран по течението на Црна Река на 5,5 км од с. Зовиќ. Пред селото се скршнува лево и се вози приближно 1 ч по пат наменет единствено за теренски возила. Втора варијанта претставува прошетката низ живописната природа, која зависно од временските услови трае приближно час и половина од с. Зовиќ.
Манастирот го слави Ѓурѓовден (5 и 6 мај).